“КАВКАСКИ КРУГ…” – ФИНАЛЕ НА “ОХРИДСКО ЛЕТО”

Вечерва во Охрид

Шлагворт на вечерашнава завршница на 50-то, јубилејно издание на “Охридско лето” е претставата “Кавкаскиот круг со креда” од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски во изведба на прилепскиот театар. Првпат театарска претстава ја спушта уметничката завеса на традиционаланиот фестивал на културата со полувековна традиција. Публиката ќе ужива во најдобрата претстава во Македонија, која се закити со лаври на годинешниот Македонски театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Настапот е круна на јубилејниот Фестивал, заокружување на најквалитетното фестивалско издание кое предизвикува огромен интерес. Учеството на прилепската театарска куќа е доказ за квалитет и привилегија за гостување во градот на древната култура.

Тоа е потврда дека ансамблот е најдобар. Охриѓани и гостите ќе ја видат впечатливата сценографијата на Јулијана Војкова Најман и Филип Јовановски. Железната констукција со рампи и нишалки, небаре е огромно чудовиште, ќе биде контролирана и насочувана од актерите, кои достоинствено ќе го верификуваат естетскиот чин, раководен од режисерот Мартин Кочовски.

– Привлекува поетиката на Брехт, со чувството за хумор и уникатната смисла за прочуениот епски театар, што значи поставување на т.н. дијалектички театар. Инспирира, воодушевува со фасцинација од развојот на општеството. Се идентификувам со него, бидејќи третира интересна проблематика. ,,Кавкаскиот круг со креда,, говори за едно парче земја. Чија е таа земја? Кому му припаѓа? Парчето земја е Македонија – вели Мартин Кочовски.

Крпен живот во Вевчани

Театарот гостуваше и во Вевчани со претставата “Крпен живот” во режија на Владо Цветановски. На сред село, пред околу илјада жители, предизвика овации за нескојдневното уметничко трансформирање на текстот на Стале Попов за животот во Мариово.

Во знак на благодарност, градоначалникот на Вевчани им подари на актерите “вевчански пасош”, кој е симбол на слободата и независноста на општината.

Loading