ЧЕТКАТА ВО ХИРУРГШКИ РАЦЕ

Драган Темовски, сликар аматер

“Уметноста е форма за релаксирање од професионалниот стрес. Она што е создадено останува трајно, вечно, сé другото е минливо, само делата остануваат. Природата е најголем уметник, а ние само ја имитираме”. Вака вели Драган Темовски кого прилепчани го знаат како хирург, но тој е и сликар аматер кој на последните две групни изложби што ги организираше Друштвото на ликовни уметници се претстави пред публиката со три пејзажи работени во техника масло на платно. Практично обелодени дека знае да слика. Неговите дела ги краси трудољубивост, хармонија од бои во кои се чувствува трепетот на листот, жуборот на водата. За “Зенит” открива дека уште од училишни денови другарува со уметноста. Не се определил за Ликовната академија, оти отсекогаш сакал медицина. Матурска тема му била физиката – аеродинамички принципи на авиони. Но медицината ја сакал. Го пропуштил рокот за упис на факултет во Белград, иако го положил приемниот испит. Се запишал на електромашински факултет и ја исчистил прва година, а следната се запишал на медицинскиот факултет во Белград каде завршил 1982 година, а во Скопје специјализирал хирургија 1992 г.

Делата будат пријатни чувства

За него сé е уметност. Уметноста сака прецизна рака, трпеливост, многу часови минати во труд.

– Во секојдневната работа потребна е смиреност, концентрација, познавање од сите области. Естетската хирургија е составен дел од хирургијата. Смислата за уметност треба да е присутна оти помага. Познавањата од физика и механика помогнаа да конструирам апаратче за мерење на притисокот во жолчните канали кое го документирав на првиот хируршки конгрес и го применив. Во траумите потребни се естетските компонетни да се состави еден дел – вели Драган Темовски, уметник – аматер.

Уметничкиот дух го градел со активностите во ликовната, бродомоделарската, ракетна, резбарска секција како ученик. Сега слика мотиви од природа, вода, езера.

– Целта ми е во мотивот да уживам секогаш кога ќе го гледам и личното задоволство да биде општо и делото да буди пријатни чувства на убавина на секој кој ќе ја погледне сликата. Сакам природата да ја доближувам – вели Темовски.

Слика небаре фотографија

Успешно ја копира природата. Неговите слики наликуваат на фотографии.

– Во слободното време, претежно во вечерните часови, во домашен амбиент минувам неколку часа со четката в раце за релаксирање и добар сон. Првин сам правев четки од природни влакна. Од коса од едно комшивче, кое кога одеше на фризер, ми ја оставаше косата. Правев мали четчиња, бидејќи сакам да се долови секој детал. Професионални четки купував од Скопје. Можеби сум голем ситничар, кој тежнее кон фотографијата. Тоа е успешноста на реализмот. Најнапред фотографирам затоа што сакам да овековечам момент, а уметничкиот израз да остане ист. Тоа го пренесувам на платно – вели Темовски.

Покрај парчињата природа заковани на неговите дела, успешен е и во цртањето портрети. Првиот бил за внука од Германија за свадбен подарок.

– Сакам да ја доловам душата, карактерот, изразот на личноста преку очите, погледот и тоа е успешноста – вели Темовски.

Се радува што уметниците во градот се обединија во ликовно здружение.

– Тоа е начин за собирање на уметниците од градот кој е плоден со млади кои се со ликовна академија и кои ќе ја продолжат уметничката традиција – вели Темовски.

Зад себе има над 40 дела од кои некои подарил во странство. Сликал и апстракции. Низ градот има дваесеттина креации кои би сакал да ги собере на едно место и да ги претстави во самостојна изложба. Слика и апстракции во кои може да ужива гледачот.

Скромно окрива дека уметничкиот ген му е од татко, чичко и дедо кои биле занаетчии и музичари. И неговиот дом е уметнички замок со додатоци кои сам трпеливо ги работи.

ЛУСТЕР ПРОДАЛ ЗА ЦРН БОР И СИ КУПИЛ СААТ

Како гимназијалец изработил резбарен лустер од шперплоча и го продал на “Црн бор”, за експонат, изложен во продавницата на “Современ дом”.

– Составен беше од 1000 парчиња кои ги врзував за 10 минути. Лустерот беше со димензии 1,50 м. на 1,50 м. со шест сијалици. Ми дадоа 50 илјади динари и со парите купив руски рачен часовник “ракета” и комплети книги за мене и за двете сестри – раскажува Драган Темовски.

Вели дека сега уметноста не му е за да печали, туку да се релаксира.

УМЕТНИК НАЦРТАЛ УМЕТНИЦИ

Присутен е на порталот арт брејк, од каде добил идеја, уметниците со кои комуницира од целиот свет, да ги нацрта. Неуспешните портрети кои ги имале изработено сами за себе, некои од светските уметници, го инспирирале за сесија портрети.

– Само за две недели успеав да направам околу 20 портрети со молив на хартија и еден со туш кои им ги испратив како божикни подароци. Коментарите и критиките од светски познати уметници беа дека сум успешен и се изненадени од мојот талент, бидејќи сум хирург по професија. Идејата за сликање портрети од фелата е уникатна и универзална – вели Темовски.

За неговиот ликовен талент пишувало и “Вокс медици”, специјализираното списание кое го издава Лекарската комора.

Loading