НЕМА К -15 ЗА ОПШТИНАРИТЕ

Дотерување на општинското кесе

Се куси кај платите и наемнините 

ЕВН за улично осветлување должи 11 милиони, Агенцијата за патишта 2,7 милиони, а Министерството за економија за концесии 3,1 милиони денари 

 

Точно 92 административци заедно со противпожарната единица од Локалната самоуправа годинава нема да добие регрес за годишен одмор и нема да се вработат планираните 4-6 стручни кадри. Буџетот се ребалансира поради остварените движења од јануари до јуни. А тоа се помалку одредени приходи во основниот буџет од проекциите и потребата од приходување на пренесените вишоци на приходи од 2009 година. Со приходувањето на пренесените вишоци на приходи од 2009 година вкупно 81,4 милиони денари и зголемување на блок дотацијата за основно образование, консолидираниот биланс на приходи на Буџетот се проектира на износ од 972,5 милиони денари, што претставува зголемување за 1,54 отсто. Основниот буџет се проектира на 389,9 милиони денари, со ребалансот се намалуваат приходите и расходите за 13,3 милони денари.

Тоа претставува пад за 3,55 отсто. Буџетот од блок дотации со кој се финансираат пренесените дејности од централно на локално ниво, зголемување на приходите и расходите на износ од 27, 5 милиони денари или 5,7 отсто и буџетот од самофинансирачки активности има минимален раст од 605 илјади денари или 0,72 проценти. Консолидираниот буџет, на расходната страна, има зголемување кај средства за плати, наемнини и надоместоци за 11,8 милиони денари, односно за 2,65 насто – објаснува Драге Звездакоски, раководител на Сектор за финансирање и буџет.

Кај основниот буџет, кој е еден од трите компоненти на буџетот каде извршивме намалување, а се финансираат администрација, совет, градоначалник и комунални програми, е намален од 389,9 милиони денари на 376,5 милиони денари. Односно намалување од 3,55 отсто или 13 милиони денари. Се куси кај плати и наемнини за 4,9 милиони денари или за 9,61 отсто, капиталните расходи во основниот буџет се намалуваат за шест милиони денари и расходите за стоки и услуги за 3,44 милиони денари. Растат расходите за субвенции и трансфери за 1,8 милиони денари.

Обврски, колку можностите

– Општинската администрација нема да добие регрес за годишен одмор и нема да се реализира вработувањето на нови стручни кадри. Со измените и надополнувања, основниот буџетот го задржа развојниот концепт. Од 376 милиони денари, капиталните расходи учествуваат со 244 милиони или околу 65 проценти. Ребалансот е реален со цел реално да се утврдат приходите и реално да се распределат на расходите. Со голема претпазливост е подготвен ребалансот да ја задржиме финансиската кондиција. Конкретно се преземат обврски колку можностите – објаснува Звездакоски.

За периодот јануари-јуни во консолидираниот буџет остварени се 369,9 милиони денари. Притоа, основниот буџет оставари 104 милиони денари приходи, во буџетот на наменски и блок дотации оставрени се 246 милиони денари, а на сметките на единиците на корисниците на Буџетот по основ на самофинансирачки активности оставрени се 18 милиони денари.

Проектираниот ребаланс на основниот буџет до крајот на годината е реален и остварлив со повеќе од 90 отсто. Не би требало да има потреба за нов ребаланс.

– Планирани, но нереализирани приходи во буџетот се 11 милиони денари непрефрлени средства од ЕВН за комунална такса за улично осветлување, 2,7 милиони денари од Агенцијата за патишта и 3,1 милион денари од Министерството за економија за концесиските надоместоци. Во билансот на приходи од блок – дотации со ребалансот на буџетот се приходуваат пренесените вишоци од 2009 година за дејностите од областа на културата, социјалната заштита и образованието во вкупен износ од 24 милиони денари.Во Билансот на приходи кај Основниот буџет со Ребалансот се врши намалување на даночните приходи за 14 милиони денари, даноците за специфични услуги за 12 милиони денари, капиталните приходи за 3,6 милиони денари, што се очекува делумно да се надомести со зголемување на приходите од трансфери од централната власт. Интенцијата е буџетот да ја задржи развојната компонента, а со ребалансот се даваат нови буџетски приоритети.

– За 17,5 милиони денари се зголемени парите за завршување на новата градска куќа која треба да биде готова до крајот на годинава. Тоа се одразува со нереализирање на проектот за регулација на коритото на Градската река за 15 милиони денари и проектот за надополнување на системот Студенчица за 2,5 милиони денари – вели Звездакоски.

Повеќе пари за училиштата

Со ребалансот се приходуваат и пренесените вишоци на приходи од претходната година во износ од 42,7 милиони денари и за таа цел се проектира и соодветна подставка.

Во приходи од блок – дотации, со ребалансот на буџетот се приходуваат пренесените вишоци на приходи од 2009 година за дејностите од областа на културата, социјалната заштита и образованието во вкупен износ од 24 милиони денари.

– Во измените на Буџетот во предвид се земени коригираните износи на блок – дотации по дејности согласно Ребалансот на Буџетот на РМ и тоа: основно образование зголемена блок – дотација за 8.091.000,00 ден. и за средно образование, детски градинки, градска библиотека и Дом за стари лица намалени блок – дотации… Во Билансот на приходи од самофинансирачки активност со Ребалансот на Буџетот се приходуваат пренесените вишоци на приходи од 2009 година за дејностите од областа на културата, социјалната заштита и образованието во вкупен износ од 14 милиони денари – вели Звездакоски.

По барање на ЕКБ ОУ “Ордан Михајлоски – Оцка” и “Добре Јованоски”, билансот на приходи од самофинансирачки активности се ребалансира (зголемува) за 605 илјади денари.

Loading