ЗА ПЕРСИРАЊЕТО

            Персирањето, учтивото обраќање (обраќање во множинска форма), е вообичаена практика во определени ситуации. Во некои поодамнешни времиња кај нашиот народ тоа не било карактеристично или ако го имало било сосема ретко. Денес не е така. Персирањето веќе станува манир во комуникацијата, се разбира, во случаите кога е тоа потребно. Но, ние не би личеле на себе ако не правиме грешки. Грешките се присутни насекаде, во сите општествени слоеви.

            За што станува збор? Кога се обраќаме со таква учтива форма, кои зборови треба да ги употребуваме во множина? Веднаш, во почетокот да кажеме дека во множина треба да бидат заменките и глаголите. И ништо повеќе. За жал, во многу пригоди се употребуваат во множинска форма и придавките. Прашањето, би рекле, е деликатно и во такви ситуации луѓето потешко се снаоѓаат. Такви грешки сме забележале и во српскиот и во бугарскиот јазик.

            Ќе приведеме неколку случајно избрани реченици за попрактично да ги согледаме и да ги објасниме грешките :

            – Наставничке, благодариме што бевте со нас секогаш ВНИМАТЕЛНИ.

            – Докторе, Вие извонредно си ја вршите работата. А освен тоа, Вие сте и многу ДОБРИ.

            – Па Вие мајсторе се разбирате од многу занаети. Вие сте премногу УМНИ.

            – Госпоѓице, Ве гледав синоќа на претстава. Одлично игравте. Вие сте мошне ТАЛЕНТИРАНИ.

            Со крупни букви се одбележани погрешните зборови, придавките. Тие треба да бидат во еднинска форма.

            Да ја земеме, на пример, реченицата со премногу умниот мајстор, односно со премногу умниот човек. Соговорникот му се обраќа со “Вие сте…” Тоа е во ред. И заменката (Вие) и глаголот (сте) се употребени во множинска форма. Но придавката УМНИ не треба да биде во множина. Станува збор за тоа што соодветниот мајстор бил УМЕН човек или УМЕН мајстор. Ако треба да ја продолжиме реченицата, да го употребиме зборот мајстор (или човек) тешко ќе можеме да речеме – “Вие сте премногу УМНИ човек”. Значи не УМНИ, туку УМЕН. “Мајсторе, Вие сте премногу УМЕН”.

            Да ја разгледаме реченицата со талентираната актерка. На гледачот му се допаднала играта и констатирал дека актерката е мошне талентирана. Човекот сакал докрај да биде учтив и вели – “Вие сте мошне ТАЛЕНТИРАНИ”. Но, тука е грешката. Придавката ТАЛЕНТИРАНИ, треба да биде во еднинска форма. Како би било ако гледачот ја употребел и именката актерка. Би излегло – “Вие сте мошне ТАЛЕНТИРАНИ актерка”. Се разбира, дека тоа не оди. У ште помалку ако ја употреби во множина и именката – актерки. Зар би можело – “Вие сте мошне ТАЛЕНТИРАНИ АКТЕРКИ”.

            Затоа, секогаш треба да се има предвид дека при персирањето во множинска форма се употребуваат само заменката и глаголот.

            Значи :

            – Наставничке, Вие бевте ВНИМАТЕЛНА (не внимателни).

            – Докторе, Вие сте ДОБАР (не добри).

            – Мајсторе, Вие сте УМЕН (не умни).

            -Вие сте ТАЛЕНТИРАНА ( не талентирани ).

            Грешкиве се мошне чести. И во приватни разговори и во медиумите. Треба да им се обрне поголемо внимание.

            Сме чуле – “Вие сте РУСОКОСИ”, а се однесува за една жена. Нелогично, зар не?

 

Благоја Ивчески

Loading