ДИМКАРОТ СО СВИРЧЕ ОД ПРЕД 60 ИЛЈАДИ ГОДИНИ

Вечерва под Маркукуле

Тоа е неандерталски инструмент

 

            Ќе екне звук од неандерталски инструмент во изведба на нашиот сограѓанин од Љубљана, музикологот Љубен Димкароски, вечерва кај Слонот на четвртото издание на манифестацијата “Поетско Маркукуле”. Со тоа манифестацијата добива и музички карактер. Инстументот е реплика на експонат направен од бутна коска на едногодишна пештерска мечка со две – три дупчиња. Свирчето е планетарно откритие за кое Љубен Димкароски тврди дека е музички инструмент кој е мајка и татко на сите дувачки инструменти во светот. Во 1995 год. во Словенија во близина на Церкно, кај селото Шебрелјен, археолозите откриваат коска со неколку дупчиња. Д-р Иван Турк кој ги водел испитувањата бил на мислење дека е дувачки инструмент. Од анализите се дознава дека станува збор за дувачки инструмент стар меѓу 55 000 и 65 000 години, надминувајќи ги по старост – инструментот од лебедово крило во Германија стар 12,5 илјади години, инструментот од мечкина коска пронајден во Унгарија, 9 000 години старите дувачки инструменти во Кина, нашата 10 000 години стара окарина што ја свири Драган Даутовски.

Направени се експерименти и постигнати се неколку тонови од страна на познати словенечки истражувачи со што Словенија станува земја со најстар музички инструмент – вели Димкароски.

            Прототипот кој го поседува е со исти димензии и старост како и оригиналот и е пронајден на истото место. Целосно го дешифрирал свирчето. Важно било растојанието меѓу отворите и големината.

            – Желбата ми се појави во сонот за да го простудирам инструментот и со мал напор успеав. И најмалото отстапување на растојанието меѓу отворите го нарушува систем на инструментот што укажува на тоа дека неандерталецот го направил свесно, со намера. “Ментално омаловажуваните неандерталци” споредувани дури и со мајмуните биле обредни луѓе и во гробовите се пронајдени цвеќиња и заздравени коски. Археолошкиот музички артефакт фрла нова светлина врз историјата на музиката, медицината, за менталните достигнувања на неандерталецот – вели Димкароски.

            На свирчето можат да се изведуваат композиции од класика до народна музика. Димкароски музичките перформанси ги изведува свирејќи на 2, 5 октави за музички израз во сите жанрови. Изработил повеќе прототипови од различни коски во повеќе големини.

Loading