ПОЛЧИШКО СЛАВЈЕ НА СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН

            Неколку стотина главно иселени жители на селото Полчиште во Мариово ја продолжија традицијата наследена од своите предци да се соберат за Свети Пантелејмон пред истоимената селска црква во непосредна близина на селото да се видат, да се потсетат на своите корени и да запалат свеќа крај олтарот. Манастирот посветен на Светиот Великомаченик Пантелејмон се наоѓа југозападно од селото, оддалечен околу 1,5 километар во местото Скркаво Мариово. Местоположбата на манастирот е специфична. Изграден е на врвот на надморска височина од 1344 метри. Св. Вмч. Пантелејмон во Мариово се нарекува со името Панделе, па затоа и местото на кое се наоѓа манастирот го добило името Панделе. До верскиот дом се стигнува по стрмен кривулест пат, каде доминира врвот, што овозможува глетка на цело Мариово како на дланка. Можеби затоа народот од овој крај верата многупати ја искажува со помислата, “Панделе е на високо и гледа сé”.

            Одржување на корените

            Силна е желбата меѓу луѓето со вера да се помогне, да се учествува, да се биде домаќин на празниците, да се сретнат луѓето повторно после години во жива атмосфера, со музика, со радост и заборав на грижите. Собирањата влијаат на зближување на мноштво верници кои и не потекнуваат од овој крај. Изобилуваат повиците на Црквата преку свештеникот на богослужбите, при празниците да се сочува верата и духовноста, да не се премине само во игранки, гоштевања и забава, да се сочуваат убавите традиции, а да не се премине само во суеверие и непотполна вера. Да се слушне и молитвата кон Бога, а да се разлее и звукот на музиката, на гајдата и песните од овој крај, и да се учествува на убавата заедничка трпеза со почит кон местото. Радува што и младите се помасовно ги посетуваат овие места на зближување прво со Бога, а потоа и со луѓето, и заминуваат со убави впечатоци и поуки. Голема среќа е што остануваат продолжувачи на традициите и сведоци на убавините на Мариово, кои навистина многу избледеа со запустувањето на селата.

          Нов храм

          Според кажувања на Бојо Бојов од Полчиште, манастирот првпат бил изграден околу 1830 година од Коле Папаров, за кого други податоци не се познати и не се сочувани. Манастирот бил изграден од дрвена граѓа. Така останал до изградбата на црквата од тврда градба. Околу 1938 година, на Тодија Рошков му се претскажало да изгради црква на истото место, од тврда градба. Црквата била изградена под негово раководење со сесрдна помош од луѓето на околните села, претежно од Полчиште. Храмот бил изграден на нова локација да не се урни веќе постојната црква, иако била од дрвена граѓа, и поради новата локација утврдена на гребен од кој може да се гледа од сите страни. Новоизградената црква била поголема, сепак со скромни димензии и архитектура. Формата е правоаголна, долга 7 метри, а широка 6 метри. Ѕидовите се од камен, со бел малтер. Покривот е со две косини, со мала купола. Направен е од понови материјали, со замена на стариот покрив, кој бил од камени плочи, со какви се покриени и најголемиот број куќи во Мариово. Има две врати, од западната и јужната страна. Црквата е осветена е од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Петар, на 11 октомври 1985 година. Покрај славата на денот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон 9 август, се слави и денот на осветувањето на црквата 11 октомври и денот посветен на Св. Вмч. Георгиј Ѓурѓовден на 6 мај.

            Со изградбата на новата црква, старата била оставена на забот на времето, која се урнала. Останало само обележје каде се наоѓала. По претскажување на Карафила Гогова од Полчиште, на нејзина иницијатива и сесрдно залагање 1985 година, почната е и изградена нова, мала црква на старата локација, односно на избраното место. Новата црквичка е правоаголна, со скромни димензии, должина од 4 метри, ширина од 3 метри и височина од 2,5 метри. Црквичката е посветена исто така на Св. Вмч. Пантелејмон. Внатрешноста не е зографисана, а иконостасот е скромен, направен од дрво.

             Лекарот Пантелејмон

            Почитувањето на овој светител, како и сите други, потекнува од најстарите времиња на христијанството, со ширењето на култот после неговата маченичка смрт. Свети Пантејмон е лекар, христијанин. Кога христијанската вера била забранета, некаде при крајот на третиот век после Христа, тој најпрво лекувал со Божјата сила. Бил безсребреник, не примал награда за лекувањето, бидејќи знаел дека лекувањето и науката е дар од Бога, бесплатно примен, кој треба и бесплатно да се дава. Како христијанин, пострадал со мачење и отсекување на главата во почетокот на четвртиот век.

Loading