Животниот пат на пензионираниот свештеник Благоја Стојаноски
Вечна е почитта кон Бога и верниците
Ги крстарел селата по дожд и снег, воден, и во пекол, а сега мирува кај викендичката, одејќи пеш
“Домаќинке, си се успала. Каде е поскурата и пченицата”. Вака поповите умеат да ги “караат” успаните домаќинки. Или за “зачин” за помладите, наместо на поскура, може да се пее и на лепче или ориз. Иако не кажа шега, пензионираниот протојереј Благоја Стојаноски ја отвора душата да се ѕирне во неговиот божји “адресар”. Во деновите на “мирување” ужива во спокојството и благодетта на милоста Божја. Третото доба го минува и во дружење со сите. Уште кожа не го трае и им помага на колегите, со совет, при крштевање, кревање на лепче…
И пензионер, и в црква
Во фамилијата имал прадедо – свештеник. Веројатно и јас генот го носам од пред 200 години. Посакав да сум слуга Божји. Бев шестооделенец. Атмосферата, топлината, мистичноста и радоста која ме облеа, шетајќи случајно низ градските цркви беше инспирацијата и насока за професионалниот ангажман. Привлекуваа богослужбите и свештеничката проповед. На родителите не им се веруваше за мојата одлука. Факултетот Богословија беше во Призрен. Полагав приемен испит кај патријархот Иринеј во Битола во 1960 година – рече поп Стојаноски. Пензионерот Благоја секој ден пешачи по осум километри. Нема автомобил. Душевниот мир го прикрепува со “пиење” исклучиво филозофска, богословска литература, а градите ги полни со чист воздух единствено во викендицата во Волково. Ја посетувам црквата скоро секојдневно. Таму е мирот. Бања за сите и живо евангелие. Собрание на крстените… Богоугоден ми е и ми годи таков живот. Прошетувам и со мантијата, за пример за однесување. Свештеничката одежда се носи доживотно, макар што црквата дозволува скромна облека надвор од службата – вели протојер Благоја, кој често луѓето го поздравуваат по улиците. Кажува дека верниците кои ги исповедал, и денес го бараат. Потпомага со разбирање и топол, утешен збор и во жалост, се радува на радост со секого.
Со велосипед на богослужба и по селата
Точно 46 години бил во божјата служба, од кои осум со велосипед ја крстарел прилепската парохија. Прилепец, Штавица, Варош, Коњари… Често “заглавувал” в река, а и мантијата и алиштата се сушеле на него. Служел во црквите низ Варош и Мало Коњари. Најмногу во Свето Благовештение.
Секој викенд и во празниците пред да заврши литургијата имал говор. Беседи одржував пред 30-години. Ревносно, со подготвени содржајни говори, за кои претходно читав разна литература, со смиреност и умешност во комуникацијата, малку и со изграден еден однос со верниците, умеев да го стишам зуењето на народот – објаснува пензионираниот протојереј, за кој чувството и зборот се божјата помош, храна за него. Наредени во регалот избледнати дебели корици со златни букви на книгите. Отец Благоја вели дека му поминале низ прсти. Очите бележеле, умот меморирал и душата се излеала преку црковните литургии, беседењето во храмот Свето Благовештение. Тоа патче во животот му се отворило. Ја пронашол среќата, професионално, преку таа верба да ги закотви своите мисловни бури. Со синот и фамилијата се стокмиле и свиле гнездо со сопругата Трајанка. Стојаноски изградиле “храм”, во кој ќе се надополнуваат, полемизираат, радуваат, тагуваат старите, младите, најмалите, најмилите. Функционираат како и секое христијанско семејство. Десетте божји заповеди се основа за хармоничен живот и во црквата и во домот. Христијанството не е адет, ниту обичај, туку начин на живот. Тоа е евангелиски живот. Љубов, почит, скромност, разбирање, во домот како и црквата. Молитва утро и вечер. Строго почитување на постите и причестувањето. Сé е лесно со верба во Бог. И внуците се побожни – го кажува рецептот за успешно функционирање на бракот, овенчан во црква. Успех е ако децата правилно се насочат во животот. Дома сме со една мисла. Родителите се стебло за поддршка на децата. Еден грешник во ткивото и гревот е слеан кај сите – објаснува протојереј Благоја Стојаноски. Објаснува дека секој има религиски дар. Некој го гледа космосот, а некој само духовното. Така спознава сé. Не сака внуците да ја “помешаат крвта” со друга вера. Смета дека надвор од православието, сите се еретици. Телесно живеат две различни религии, но не допираат даровите на светиот дух ни до постарите, ни до младите.