КИНЕЗИ ФРЛИЈА ОКО НА БИЗНИС ЗОНИТЕ

Осумчлена општинска и бизнис делегација од четиримилионскиот кинески град Дејанг при престојот во градов, со локалните власти ги разгледаа можностите за воспоставување деловна и друг вид соработка. Тие се сретнаа и со менаџментите на цигарната фабрика на Тутунскиот комбинат, со претставниците на Мермерниот комбинат, со Симон Наумоски, претседателот на управниот одбор на Витаминка и со првите луѓе на конфекцијата Комфи ангел.

Градоначалникот Марјан Ристески на кинеските колеги и претставници на инвестиционите комори ги презентира стопанските потенцијали и можностите за соработка во двете економски зони.

– Постои клима за соработка на нашите со кинеските компании и интерес за економските зони со оглед на поволниот амбиент – рече Ристески.        

Кинескиот заменик градоначалник на Дејанг, Јанг Зен, очекува споредба на заедничките проекти и договор за соработка.  

– Ако работиме заедно, ќе имаме позитивни ефекти од двете страни – рече  Јанг Зен.

Кинезите ја возвратија посетата, откако наша општинско – стопанска делегација во јули беше неколку дена во Кина со намера за воспоставување меѓусебни односи не само на полето на економијата, туку и на културата меѓу двата града.

Loading