РЕСПЕКТАБИЛНА ВИСОКО ОБРАЗОВНА ИНСТИТУЦИЈА

УКЛО во свесткото универзитетско семејство Магна Карта Универзитатум

– Во академската 2013/2014 г. запишани се 2 541 студент, што е за 300 студенти повеќе од лани

Зголемен е бројот на запишани студенти во споредба со лани, на Универзитетот “Свети Климент Охридски” во Битола, како резултат на многуте активности што ректорската управа ги презеде за подобрување на условите и повеќето студиски програми, промоцијата на факултетите, објаснување на студиските програми и низа други активности. Во академската 2013/2014 година запишани се 2541 студент, или 300 студенти повеќе од лани. Универзитетот стана потписник и полноправна членка на Магна Карта Универзитатум. Документот е потпишан во Болоња и датира пред 25 години. 

На универзитетот постојано се подобруваат условите за студирање, што значат поквалитетен наставно образовен процес. Успешната уписна политика го потврдува реномето и квалитетот кој е во постојан раст.

– Бројот на запишани студенти кажува дека имаме доверба. Имаме и 61 странски студент. Тоа зборува за значителен раст на квалитетот и интересот за упис. Најатрактивен е факултетот за безбедност, потоа високата медицинска школа, ветеринарниот факултет и факултетот за биотехнички науки. Тоа е силен продор со околу 70 отсто од вкупната бројка. Факултетот за туризам и угостителство и правниот факултет се популарни заради бројот на студиските програми. Интересот од 310 студенти е импозантна бројка. Го надминавме очекуваното и имаме 61 отсто реализација на уписот. Ова е битно зашто бројот на слободни места на државните универзитети беше двојно поголем од бројот на завршени средношколци. Во услови на голема конкуренција, Универзитетот се покажа како респектабилна установа, на која студентите í веруваат, а има и поддршка од Владата – вели Сашо Атанасоски, проректор за настава на УКЛО.

Соодносот на запишани и завршени студенти е 70 отсто. Најмногу странски студенти се од Турција, но има и стипендисти од Мала Преспа. Бројот ќе се зголеми со нострификацијата на дипломите. Универзитетот ја зголеми меѓународната соработка уште со два странски универзитети, со Сплит и Задар.

На 21 септември во Болоња, Италија, УКЛО стана потписник и полноправна членка на Магна Карта Универзитатум. Ова е документ што датира од пред 25 години. Првпат е потпишан од врвни универзитети во Европа. Апликацијата се подготвувала една година. Освен УКЛО, потписник од Македонија е и универзитетот Св. Кирил и Методиј. Потписници се над 600 универзитети од преку 80 земји од Европа, од Централна и Јужна Америка, арапските земји и од Азија.

– Фундаменталните постулати на овој документ е поддршка на автономијата на факултетите, соработка на сите потписници и ширење на хуманитарните науки со земање во предвид на сите верски и национални обележја на студентите, за на крај, да биде постулатот за ставање во служба на општеството, на науката од универзитетите. Ова е една референца, која универзитетот ја заслужува, и доказ за квалитет во сé поголемата конкуренција со универзитетите. Потпишувањето на ваков документ е еден атрибут за секој универзитет. Не е поврзано со финансиско оптоварување, зашто трошоците на документот кои се 250 000 евра годишно прво ги подмирувало министерството за образование на Италија, а сега се примаат и донации од невладини организации преку  поддршка,финансиска или друга – објаснува Јованка Тутеска, проректор за наука и меѓународна соработка на УКЛО.

Универзитетот Св. Климент Охридски успешно ги спроведува и програмите за мобилност кои им нудат на студентите европски искуства и знаења. 

Loading