ТАТКОВИНАТА СЕ ЉУБИ СО ТВОРЕШТВО

Промоција на родољубивата стихозбирка “Песни под Селечка”

Томе Велјановски, човек на 68 годишна возраст има кроткост, љубопитност, искреност и добрина, доблести кои се сé поретки кај луѓето.

Иако, одамна го напуштил родното село Марул, и заминал во студената Шведска, Велјановски постојано бил топлен од спомените на старото село, адетите, приказните, јунаците, сите луѓе и нелуѓе, шегобијните старци и се трудел наследството да не се заборави, запусти, туку да остане како некаква историска читанка за наредните поколенија. Не се штедел да го пренесе наученото, слушнатото, запомнетото во форма на песни, низ чии стихови тој си го кажува својот светоглед кој варира од сериозен до шеговит.            

Во понеделникот повеќе граѓани, пријатели на Томе и на убавиот пишан збор имаа пријатна можност да се запознаат со поетското творештво на Велјановски со промоцијата на неговата најнова стихозбирка “Песни под Селечка” во издание на “Зенит”, а ја промовираше Петар Петрески.

– Сеќавањето  по родниот крај, по заминатата младост, по другарите од детството се едни од најсилните чувства од кои човек не може да се ослободи, колку да настојува да ги маргинализира и потисне во потсвеста. Тие чувства, тие живи сеќавања секогаш се посилни и од најсилната волја, тие се неканети гости, тие не прашуваат кога да се јават или кога да заминат, за такви нешта само тие одлучуваат. Тие чувства се присутни кај секој човек, а се доминантни и се силни кај оние луѓе кои од икс причини ја напуштиле својата земја, најповеќе поради подобра егзистенција, подобар живот. Но, обично е така: ако добиете материјално, ќе загубите духовно и обратно. Ретко или никогаш, се случува рамнотежа. Велјановски е еден од многуте македонски откорнатици кој ја побарал среќата надвор од неговата земја. Напуштањето на татковината, напуштањето на родниот крај, родниот Марул,  не значело и збогум. Со одминувањето на годините, љубовта кон корените се зголемувала, а не бледнеела. Томе е човек кој го сака усното предание, кој ја сака песната. Страстен собирач е на народни песни, приказни, легенди, умотворби, гатанки, анегдоти, поговорки, загатки и други народни преданија. Како плод на неуморната работа, има приредено и објавено неколку книги,  кои предизвикаа жив интерес во нашата средина. Некои ја љубат својата татковина со зборови, Томе, колку што знам, ја љуби со дела, не само во пишана форма, туку и во многу добротворни акции, со парични донации и слични нешта – рече промоторот на стихозбирката Петар Петрески.

Во збирката песни, на кои сите им е заедничко поднебјето на селата под Селечка, има и авторски песни и песни кои Велјановски ги запомнал од детството.

 – “Песни под Селечка”. И од насловот може да се заклучи дека е збирка песни чие мотивациско јадро е роднокрајното и народното. Се пее за детството, за борбата за слобода против турскиот поробувач, за јунаштвата на предците како Ристе Цоце, се пее за родината, за домашните животни, за географски предели, за тешкиот селски живот. Песните се напишани во народен дух и со народен јазик, чисто и едноставно, како да ги пишувала  раката на дете кое се уште живее во Томета Велјановски. Не го интересира толку уметничката силина на испеаното, туку фактографското, автентичното и рустикалното. Преку песната го раскажува детството, живот поминат во родниот крај, раскажува за неизбришаното со сунѓер, со гума. Тоа се именува како носталгија. Кога пее, не му е важно каде се наоѓа, бидејќи тогаш, во тие куси исечоци од време, тој со духот, со мислите и со чувствата си е во својата татковина, во друштво со звукот и мирисот на ливадите, со зеленилото на шумите, со жуборењето на потоците, со зуењето на инсектите, со појот на птиците, со роморот на дождот и со свирежот на ветрот. Тогаш тој, во буквална смисла на зборот, е свој на своето – рече Петрески.

Збирката “Песни под Селечка” може да се третира и да се дефинира како комбинација на оригинален авторски труд во кој авторовиот талент дошол до израз и на народни песни и  брзозборки кои авторот уште како дете ги слушнал и забележал во своето сеќавање.

– Под ист книжевен покрив има изблик на оригиналното и увид во  еден мал сегмент од народното творештво од неговиот роден крај. Тој што пишува за деца, тој што црта за деца, тој што работи со деца, тој што е дете во тело на возрасен човек, тој, без сомнение, е добар човек, искрен во своите намери, хуман во своите постапки – истакна Петрески.

Велјановски е автор и на неколку историски книги и збирки на народни умотворби.  

Loading