УЧЕНИЦИТЕ ПРЕД СÉ

ОУ “БЛАЖЕ КОНЕСКИ”

Основното училиште Блаже Конески е раритет во образовните установи. Од една страна, го има еден од најстарите наменски објекти за образование во населбата Варош, изграден 1926-та година, а од друга страна имотно правните односи не се до крај решени. Директорката на централното ОУ “Блаже Конески”, Марија Дулевска, е посветена да се постави ред за отворените прашања.

– Училиштето во Варош нема статус на подрачно училиште и се третира како придружен објект на ОУ “Блаже Конески”. За да се стекне со називот подрачно училиште, и учениците таму да бидат еднакви со другите во следењото на образовниот процес, го окончуваме нерешениот имотно правен проблем. Извадена е листа на историски движења на имотот. Со неа, во тек е добивањето на извод од план, за подоцна да следи изработка на геодетски елаборат за добивање на имотен лист. Со него ќе се знаат границите на дворот на училиштето. Преговораме со претставниците на министерството за образование, Пенка Мантова Здравковска и Даниела Тодоровска за објектот да добие статус на подрачно училиште со сите “нишани” – кажува Дулевска со позитивен став дека прашањето ќе се реши и ќе се премине на оградување и партерно уредување.

Училиштето со пет паралелки од по 20 ученици и шест вработени, работи едносменски за деца од прво до петто одделение. Делумни поправки на објектот се направени во 2008 г. Целосно е сменет покривот,  реконструиран е таванот во две училници, поставена е дограма и внатрешни врати за што опшината издвоила 1,8 милион денари.

– Обезбедивме 1,9 милиони денари од локалната самоуправа за распишување на тендер за комплетна надворешна и внатрешна реконструкција. Најповолен понудувач со 1,4 милиони денари, електронски беше избрана фирмата ЗГД Новоградба. Работите течат со добро темпо. Треба да се изврши реконструкција на ѕидовите, подовите, сменување на дотраената дограма и целосно фасадирање. Со останатите средства, ќе инсталираме централно греење со котел на течно гориво. Фирмите веќе доставуваат документација за тој тендер, кој ќе биде електронски – објаснува директорката, додавајќи дека за истата намена паралелно побарале средства и од германската амбасада.

Објектот не фигурирал како засебно училиште во МОН, па затоа не е опфатен со програмата за компјутеризација на сите училишта во Македонија. Училишниот одбор и директорката се убедени дека и учениците во Варош ќе добијат владини компјутери, а во спротивно ќе се бараат средства за компјутери преку урбаната заедница Варош и Општината.

– Нема да дозволиме учениците од варошкото училиште да заостануваат од централното по никоја цена – завршува Дулевска.            

Loading