ОГНООТПОРНИ УНИФОРМИ ПРОТИВ ПОЖАРИ

ОДБЕЛЕЖАН 20 МАЈ – ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ


Со промоција на новите огнотпорни костими, донација на ЛС и  Центарот за развој на Пелагонискиот планински регион, во рамки на проектот за погранична соработка со Грција, пожарникарите од ТППЕ го одбележаа Денот на пожарникарите. Командирот Станко Колески потенцира дека заедно со битолските и грчките колеги ќе го штитат  пограничниот регион од пожари на.

– При крај е обуката на пожарникарите. Останува да се набави софтвер за сателитското следење на пограничниот појас. После, трите страни, комплетно ќе сме подготвени да се грижиме за заштита од оган на овој регион, богат со шуми – вели командирот на ТППЕ.

Опремата од 30 илјади евра е од негорливо платно. Единицата е опремена со нови панталони, чизми, јакни, шлемови и ракавици и е најмодерна.

– Располагаме со шест возила. Две се нови, а другите се постари, но се во добра функција. Организациски сме спремни за покривање на теренот – додава Колески.

Годинава имало секој ден по еден пожар, а некогаш и по два.

– Интервенирано е на 160 пожари и 20 сообраќајни несреќи – вели Колески.

Нов објект за пожарната

Градоначалникот Марјан Ристески рече дека општината се грижи за подбрување на условите.

– Единицата е најдобро опремена и една од најефикасните во земјата. Преку Владата и донатори обезбедивме повеќе стотици илјади евра за нова опрема. Во тек е градбата на новиот објект за ТППЕ, според европски стандарди. За две години први во Македонија ќе имаме дисперзирана единица на пожарната, се со цел поефикасно справување со пожарите – вели градоначалникот.

Поддршка за заштита од пожарите од Противпожарниот сојуз

Во заштитата од пожари, особено овој месец, се вклучува и Општинскиот противпожарен сојуз. Претседателот Кочо Конески вели дека вршат едукации за заштита од пожари.

– Ќе поделиме флаери за поголема заштита од појава на пожари, особено пред летната сезона, кога ќе се формираат екипи за будно следење на ризичниот терен. Во училиштата вршиме едукации, а за подигнувањето на свеста кај најмалите за опасноста и последиците од пожарите, во тек е конкурсот за најдобри ликовни и пишани творби за заштита од пожари – вели Конески.

СЕГА ПОЛЕСНО СЕ СПРАВУВАМЕ СО ОГНОТ

Пожарникарот Орде Ѓорѓиоски (56), има 32 годишно искуство во гаснењето пожари. Порано, за разлика од сега,  било многу тешко да се гасне огнот, бидејќи немале опрема.

– Сега е лесно, оти гаснеме со нова, модерна опрема. Пожарникарската професија е предизвик, зашто трајно остануваат врежани во сеќавањата некои интервенции и битки за спасување на животи и имоти. Најтрагичен пожар беше на Трескавец, и тоа двапати. Гледаш се пред тебе гори, а си немоќен да направиш повеќе.  Или пак најризично беше скротување на огнот при горењето на салата Македонија – вели Ѓорѓиоски.

Апелира на внимателност со грејните тела, со чистењето на оџаците и да не се пали оган на отворено за да се заштитиме од

погнените стихии.        

ПП КРИВОГАШТАНИ

АНГАЖМАН  НА ПОЖАРНИКАРИ И НАБАВКА НА ОПРЕМА

Празникот на пожарникарите, 20 мај, се прослави во професионалната противпожарна единица со две години искуство во Кривогаштани.

– Годишно се гаснат 40 пожари. Единицата со четворица вработени помага во гаснење во Крушево, Долнени, Могила, а понекогаш и во Прилеп. Располагаме со едно противпожарно возило и опрема од донации – вели градоначалникот Тони Заткоски.

Планираме единицата да се прошири и да се модернизира со техника.

– Со одредена динамика треба да се вработат уште петмина пожарникари за поуспешни интервенции. Очекуваме уште едно противпожарно возило и дополнителна опрема – додава Заткоски.

Loading