ВО ИМЕ НА ВЕРБАТА

“Несреќата нî подсетува на вербата” Ливиус

Голема несреќа за сите христијани во Македонија и пошироко, а особено за нас, граѓаните на Прилеп е големиот пожар во манастирот Трескавец кој ни беше најубав бисер од минатите векови и наша заедничка гордост.

За голем број од нас кои секоја недела, сеедно дали е зима или лето, дали врне дожд или има голем снег, дали е сончево и топло или е студено со густа магла, најзначаен ритуал ни е посетата на манастирот Богородица-Трескавец.

Од тие причини за сите прилепчани е многу тажно сознанието дека за неколку пеколни часови ги изгубивме целосно конаците на нашиот најубав манастир.

Ако е неспорна вистината дека големата несреќа ја зголемува нашата смисла за пријателство и љубов, тогаш да се обидеме да извлечеме барем нешто добро од оваа без сомнение голема катастрофа, тргнувајќи од пораката на мудреците – кога ќе не снајде голема неволја да застанеме покрај неа и да ја запрашаме што бара од нас.

Можеби звучи многу претенциозно, но на мислење сум дека најголем дел од несреќите, па и оваа, доаѓаат од таму што има помалку љубов меѓу нас, која сме спремни да ја споделиме со своите браќа, со своите комшии, со членовите на други политички партии, со граѓаните од друга националност и  друга вероисповед.

Ако бидеме само малку повнимателни, и секогаш земаме во предвид дека и светлината и мракот се наоѓаат истовремено во срцето од сите нас, дека не сме ние само добри, а оние другите само и исклучиво лоши, ќе  се потрудиме за малку поголема воздржаност, и во кавгите зборовите да ни бидат меки, а аргументите јаки.

Како доктор и психијатар знам дека човековото битие носи во себе тежнение за самоодржување и за агресија, но, исто така, и снага за сочувствување за другиот човек, способност да страдаме заради туѓото страдање, но и спремност да им помогнеме на тие што се во неволја.

Како член на Советот на нашава општина на последната-вонредна седница организирана после несреќниот пожар во манастирот Трескавец имав неколку предлози меѓу кои:       

1. Сите советници да донираат по еден месечен хонорар за повторна изградба на манастирот Трескавец, 

2. Од паричните средства планирани за локалните избори во нашава општина, да се пронајдат легални инструменти еден дел да се пренаменат за обнова и изградба на манастирот Трескавец.

За жал, ниту еден од овие предлози не беше ставен на гласање.

“Во што е вистинската верба? Таа е во добронамерното соединување на луѓето меѓу себе и во нивното искрено заедништво”. Ова е цитат на Толстој.

Моето разочарување во политичарите беше и останува многу големо. Како потомок на Крале Марко, на Даме Груев, на Питу и Шарло и бројни наши предци со чие дело се гордееме, бев искрено изненаден и воодушевен од моите сограѓани кои одма после пожарот го донесоа своето срце на Трескавец. Беше голем празник за душата и вистинско задоволство да се работи со лопата, казма или мотика, да се турка количка, заедно со повеќе од стотина неуморни сограѓани на возраст од 15 до 75 години. Се бараше слободна лопата, но никој не ја оставаше, се бараше слободна количка, но сите беа неуморни и решени да не застанат, додека не се заврши целата работа, додека не се исчисти целосно манастирот. Летна времето од 9 до 14 ч., кога целосно се заврши планираното исфралење на градежниот отпад, останат во кругот на манастирот после големиот опустошувачки пожар.

Се покажа неизмерно заедништво, сплотеност во задничкиот ангажман, се потврди неисцрпен ентузијазам, пожртвуваност, нештедење ни на своите раце, ни на  својата гардероба во тешки услови на голема прашина, и високо темпо на работа.

Сите беа единствени, непоколебливи и со несебичен ангажман да вградат дел и да го помогнат побрзото заживување и обновување на манастирот.

Иако исцрпени, испотени, исцрнети од изгорените материјали, изморени од беспоштедниот напор, лицата на сите зрачеа со ентузијазам и позитивна енергија, како вистински горди синови на оваа мачна земја.

Во мојов живот ова беше еден од најубавите денови. Како ретко кога ми се врати вербата дека мојот народ е толку вреден и способен што заслужува подобри политичари и поубава иднина. (Не мислам повеќе дека овој народот си ја заслушува својата власт).

Се надевам дека во блиска иднина ќе можеме да се пофалиме со политичари какви заслужува овој народ и кои ќе му бидат вистински слуги, а не моќни и недопирливи господари, кои се поигруваат со неговата судбина. Се плашам од поединци зависни од власт и моќ, кои можат многу, но, за жал, се потпираат на послушници, кои знаат малку, и ги подржуваат во омнипотентни проекти како државата да е школска табла на која може да се запише сî што ќе им падне на памет.

Никој не може да биде слободен како зрела личност, ако ја нема способноста за размислување и за разбирање. Затоа што, некој може да нî влече за нос, а да не го сфаќаме тоа, затоа што го прави на начин, што ни се допаѓа. Ние многу “паѓаме” на она што ни е допадливо, на убави зборови или на работи што сакаме да ги слушнеме.

“Не верувајте во работите само затоа што така се кажува, само затоа што е тоа општо мислење” –  Будистички записи.

Стануваме слободни дури тогаш кога сами ги донесуваме одлуките и сами ги правиме изборите, а не дозволуваме други да ни ги сервираат. 

Психијатар Д-р Јохан Ѓорѓиоски

Советник во Советот на Прилеп

Loading