Доаѓа честиот гостин Јагодина

Ракомет: В сабота (17 ч.) првенствен меч на Жито Прилеп

Треба повторување на одличната игра со Будуќност

Утре (17 ч.) во салата “Сонце” е интересен ракометен меч за бодови во женската Регионална лига, помеѓу Жито Прилеп и српската Јагодина. Ривалот е добро познат, чест гостин на пријателски. Солиден биланс има досега, пет победи и три порази, последниот дома од Заечар. Фаворит е ако се има предвид третото место зад најдобрите Будуќност и Заечар, а и поради мечот есеноска кога дома со високи 29-21 го доби прилепскиот тим. Тие се добра екипа, но не се заморувам со силата на ривалот, туку фокусиран сум на тимот -како и што можеме да одиграме. Противничкиот квалитет нé мотивира и со борбена, дисциплинирана игра треба да се спротивставиме – вели Менде Петлески, тренер на Жито Прилеп. Уште во сеќавање е мечот дома со Будуќност, загубен во последните минути со 17-20. Можеби овојпат среќата ќе донесе поповолен епилог. На табелата во Регионалната лига води Будуќност со 18 бода од девет меча, пред Заечар со 10 од шест и Јагодина со 10 од осум. Подолу се Металург со осум од седум, Жито Прилеп со четири од седум, Раднички Белград два од шест, а Бисери нема бод на девет меча.

Победена Гевгелија

За подготвка имаше пријателската дома со Гевгелија. Жито Прилеп ја доби со 31-29. Павичевиќ и Матановиќ дадоа по осум гола, Стојановиќ пет, Цветановска четири. Голот солидно го чуваа Наумоска, Јаломитеану, во финишот и најмладата, Дурланова.

Деби на Здравевска

На пријателската со Гевгелија првпат влезе засилувањето Александра Здравевска од Вардар осигурување. Битолчанката играше десно крило. Неколкупати се проби во зицер, но не даде гол. Тешка е паузата од седум месеци. Не беше најсолидна, но не губиме надеж. Претстои работа и можност да се подготви – смета тренерот Петлески.

Loading