ТРОЈЦАТА ЗАГИНАТИ КАЈ ЛАГОВО СЕ ПРИЛЕПЧАНИ

Прим. д-р Александар Ристески – радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска се тројцата прилепчани кои загинаа во сообраќајната несреќа која се случи утрово кај Лагово. Веста за тешката загуба на медицинскиот персонал, ја потврдија од битолската болница Плодност, за тројцата прилепчани кои ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.

Со детали за несреќата, излезе и МВР.
На 03.10.2024 во 07.51 часот во СВР Битола било пријавено дека на патот Прилеп – Битола кај клучката Лагово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота” со прилепски регистарски ознаки управувано од Н.В.(42) од Прилеп и сопатници А.Р и Ф.Ј., сите од Прилеп и товарно возило „волво”со скопски регистарски ознаки управувано од Г.Р.(51) од Битола . Во несреќата патничкото возило се запалило и на лице место починале тројцата патници во истото. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп .
Увидот го врши јавен обвинител и полициски службеници од ОВР Прилеп .
Од 08.00 часот сообраќајот на патот А3 Прилеп- Битола кај с. Лагово е затворен за сообраќај во двата правци, информираат од СВР Битола.

Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство Прилеп.

Loading