Седум пријателски меча

Фудбал: Победа

Стартуваа подготовките на Победа за претстојната сезона во Втората лига и во Купот на Македонија. Според ефектите од подготовките, ќе бидат и резултатитево идната сезоната, која почнува во средината на август. Со нетрпение се чека комплетирањето на играчкиот кадар, тренинзите и пријателските натпревари. Од тоа ќе прогнозира местото на прилепскиот тим на табелата. Засега  се очекува пласман повисоко од дното, што повисоко од ланското 14. место, кое водеше во дополнителниот бараж-меч со Куманово, совладано со 2:1.

Не е променет Управниот одбор. Остануваат Благоја Гешоски и Филип Илиоски. Останува истиот стручниот штаб во состав Јане Николоски, Стојанче Дунимаглоски, Жаре Димески кои го реализираат планот на подготовките. Најавено е дека првата фаза ќе се одработи во Прилеп, а втората веројатно во некое туристичко место. Се планираат 7 пријателски меча, од кои дефинирани се неколку против второлигашки ривали – на 17 јули со Борец во Прилеп, на 20 јули со Вардар Неготино пак во Прилеп, на 3 август со Беласица и на крајот генералката со Брегалница Штип. За последниве два меча местото на одигрување зависи од распоредот за следното првенство кој ќе биде познат со ждрепката во ФФМ на почетокот од август. Потенцијални ривали на пријателски мечеви се уште Арсими и Охрид.

Со нетрпение се очекува списокот на фудбалерите. Прашање е кои фудбалери ќе бидат задржани, кои ќе бидат засилувања, а кои ќе заминат во друга средина. Досега се знае само за двајца заминати, 20-годишниот Христијан Поп-Антоски – играч за врска и 18-годишниот Дестан Адили – напаѓач. Преодниот рок е во тек и промени се можни до првиот првенствен меч во август.

Постигнувањата на Победа многу зависат од финансиите, а во врска со нив има оптимизам во поглед на поддршката од градот, како и од бизнис-секторот.

Loading