СОНЦЕТО ГИ БРКА ПРИЛЕПЧАНИ

Градот “пуст” како никогаш. Празен. Без народ. Исчезна. По прилепски, живо пиле нема. Пеколните жештини, го направија Прилеп штама, и во среда, кога е пазарен ден. Високите температури кои се приближуваат до 40 – от степен, ги тераат луѓето набрзина да испазарат, да се вратат од работа, и право дома. Под дебела, сенка, под клима, во двор, која како наоѓа начин за разладување. Некои отидоа и до домашните туристички центри, а има и такви кои фатија џаде кај јужниот сосед. Време е на годишни одмори.

Но, прилепчани не ги брка само сонцето. Ги брка и немаштијата. Потрагата по егзистенција, особено помладите. Дури и оние под педесеттите… Бараат чаре во Хрватска, Германија, Чешка… Неофицијално, според евиденцијата од фондот за здравство, голем е бројот на оние кои не “светат зелено”, односно не се активни корисници на осигурувањето. Небаре преселни птици, но на север.

Некаде пишуваше дека топлотниот бран кој ја зафатил и нашата земја се викал “Луцифер”?! Оној со немаштијата кој знае како се вика! До кога ќе трае едниот, знаат метеоролозите, а за другиот знае дебелата кожа на сиромавиот.

Уште пострашно, празниот Прилеп наликува на карантинските денови од пандемијат кои оставија траума кај многумина. Што и да е, ќе помине, така рекол мудриот народ.

Loading