ПОСЛЕДНИОТ СО 1 БОД РЕМИЗИРА ПРОТИВ ЛИДЕРОТ СО 22!

Фудбал: Победа – Шкендија 2:2

Pobeda - Skendija

Фудбалот, за разлика од ракометот или кошарката, најмногу им дава шанса на аутсајдерите. Ова се потврди и на мечот од Младинската супер лига, Победа – Шкендија. Гостите – први на табелата со 22 бода, домашните – последни со само 1. Но, на теренот сосема израмнета игра.

Прилепчаните, предводени од тренерите Кирил Овезоски и Филип Мирчески (во отсуство на Златко Петрески), со одлично спроведена тактика на контри, дојдоа до предност од 2:0 во првиот дел. По убава акција и центаршут, првиот гол го даде Дино Варошаноски, а вториот со удар од далечина е дело на Миодраг Тасески. По погодената статива и пропуштената можност за зголемено водство, исклучен беше Бојан Патоски, па тетовчаните возвратија. Голови постигнаа Аљтрим Јакупи и Албнор Каба. За да не биде победата гостинска, се избори пожртвуваната домашна одбрана и одличниот голман Антонио Столевски.

Претходно, во дуелот на кадетите Победа победи со 2:0, помладите пионери одиграа 1:1, а кај постарите пионери Шкендија победи 1:0. На табелите, кај младинците Победа е последна, кадетите се трети, постарите пионери шести, помладите пионери трети, а вкупно е на 5 место меѓу 12 клуба во Супер лигата.

Тиквеш на Могила

Продолжува битката за опстанок во Втората лига – Исток. В недела (15 ч.) на Могила Победа го чека Тиквеш. Има надеж дека осмопласираниот домашен тим може да го изненади второпласираниот гостински, поради последните резултати. Кавадарчани дома одиграа само 0:0 со Слога, а Победа (со головите на Дарко Грозданоски и Петар Најдов) изваде 2:2 во Пехчево, каде водеше со 2;0.

Табела: Брегалница 49, Тиквеш 42, Кит-Го и Кожуф по 29, Осогово 26, Саса и Слога по 22, Победа 16, Плачковица 11 (-1), Росоман 8.

Лидер е Ново Црнилиште

Во Третата лига – Југ измена на врвот. Досегашниот лидер, Локомотива од Градско изваде 0:0 со Превалец во Велес, а тоа го искористи Ново Црнилиште преку победата од 2:0 (стрелци Ерџан Ибраимоски и Кемал Бесими). На чело од табелата е Ново Црнилиште со 2 бода пред Локомотива. В недела црнилиштанците гостуваат на Големо Коњари.

Стојковска даде 6 гола

По успехот во Купот и триумфот од 4:2 над Скопје, екипата Деспина силата ја покажа и во првенствениот меч во Кочани. Резултатот е 9:0. Особено расположена за голови беше Ангела Стојковска која шестпати ја затресе домашната мрежа. Останати стрелци: Сара Евтинџиоска, Катерина Милеска и Јована Ѓорѓиоска. В недела дома е дуелот со Истатов.

На табелата води Саса со 45, пред Тиверија со 41, а Деспина е трета со 40.

Loading