ПЛАТИЛЕ ТЕШКИ ГРЕВОВИ

Се фалел дедо Никола како тепал со една пушка див крмнак и мечка, море и лисица и два зајака, петшеесет волци. Ни коса на главата немал толку. А елени, над 20. И тоа, само машки. Срните, од греови, не ги тепал. За Божик не ранел крмак дома.

-Зошто да ми го јаде брашното, кое не му стига на децата, кога има булуци свињи во планина? – велел тој.

Штом ќе му се пријадело свинско, дедо Никола ќе начекал некој булук по жирот под дабјето. И —ууум со Шарка или шејшането, и еве му свинско месо. Така кажуваше во крчмичето. Та, кој му бил дома да го види дали свинско месо вечера или лути пиперки.

Го снемало дедо Никола. Бре каде е, што стана… Се чуделе и прашувале слушачите. Допре жалната вест до нивните уши. Се врати Стојан од Опстраница и објасни.

-На дедо Никола му се загадило зајачко, срнско, еленско и свинско месо, па му се пријало козје. А тој не оди, ни по овци, ни по кози. Нема тој вакви животинки. Трите кози и прчот од сватот Кунде за сестра му Бисера, ги каснаа со татка му, Бог да го прости, уште истата зима – кажа Стојан.

Зошто му се на ловец питоми кози и овци кога има булуци диви?

Овците им ги надоместуваа срните, козите, дивите кози и зајаците, та дури и говеда не им се потребни. Тука се елените, ако им се внушело нешто за говедско.

Дедо Никола си го зел шејшането и им прешол на дивите кози во стрмните галишки скрки, кај урвините, збрдните терени без човечка стапка. И дедо Дарка го зел шејшането и ми прешол. Овдеонде по стените, се јазел по стените. Ги собул и опинците да не се лизне надолу. Видел еден пуст див јарец како магаре голем. Застанал пустината токму над дедо Никола, а овој одвај се држел на спилата фатен со раката за габеринка. Го видел јарецот и со едната рака му го навртел шејшането. Го оптегнал за ногата. Дури дедо Никола да се позадржи и со другата рака за грипата, јарецот се стркалал надолу од стената од 50 метри високо. И кај ќе падне? Право врз дедо Дарка. Го лупнала тежината од 200 оки од 50 метри, се искорнала и габериката за која се држел дедо Дарко и кутриот му се придружил на јарецот надолу од кичерот. Паднале двајцата во провалијата, се содробиле и издивнале уште со паѓањето. И орлите не можеле да ги извадат, а камо ли човек. Така двајцата ги остави коските во провалијата.

Сите ги жалеле, оти ќе нема кој да им раскажува ловечки приказни. Многумина рекле: ,,Што сторил – нашол. Крвта од дивеч ги повлече да ги платат тешките гревови,,.

Loading