ПИШУВАЊЕТО Е СОН НЕДОСОНУВАН

Сузана Д. Рулеска, поет     

94779505 2938549149533578 630911024832184320 n

 

,,Мојата мисла патува и само патува. Понекогаш во тишина ќе затрепери, како дожд ќе ме наврне, како ветар ќе ме погали… Вака почнува една од моите песни. Како господарка на моите мисли, пишувањето го доживувам како секојдневно патешествие, а емоциите ги преточувам во стихови,,.

Вака го почнавме разговорот со поетесата Сузана Д. Рулеска, која за творештвото се закитила со повеќе награди и признанија од меѓународни манифестации.

-Виножитото од обоени чувства, таа разноликост, без разлика дали се позитивни или негативни, тие импресии од чувства, на еден својствен начин ги пренесувам до читателот – вели таа.

За неа, пишувањето е сон недосонуван, трагање по сопствената приказна, што впрочем е и основен лајт мотив во нејзините песни низ кои се рефлектира и отсликува актуелното секојдневно патешествие.

-Во песните трагите од спомените се врежани. Тие како да живеат.. Затоа велам, понекогаш солзи ќе пролеам, а некогаш среќа и радост ќе ми донесат, иако сегашноста ја живееме, сакале или не тие се присутни…, но се стремиме кон посветла иднина. Мојот копнеж и мислите ја посеале мојата надеж и верба. Оттука е инспиративниот мотив во мојата поезија. Пишувам песни и со духовна содржина – раскажува Рулеска.

Поетските манифестации се дел од творештвото.

-Последниве години следам конкурси. Не изостануваат и признанија,  награди и дипломите кои се показател за сработеното. Член сум на Клубот на литературни творци во Прилеп. Со поезијата сум застапена во повеќе зборници, мегу кои и ,,Треперење на душата”, издаден од Здружението на просветни работници на Македонија, збирката поезија “Мостови на пријателство”, “Скопјанката Света Мајка Тереза”, “Пауна”, “Пауна 2”. Се подготовуваати  други зборници. Во 2019 година од страна на Здружението на просветни работници – литературни творци ја добив втората награда во категоријата за необјавена поетска творба “Ќе не има нас” со патриотска содржина – додава поетесата.

Таа е дел од проектот ,,Свеж изглед,,.

-Овој вид дружење ги зближува поетите. Штафетниот стих го добив од српската поетеса Јованка Јанчиќ. Тоа беа осум дена, осум песни, осум предизвици, осум поетски штафети. Една моја песна почнува вака: “Те напишав да те имам, од копнежот свој, да те имам во животот мој. Со мисла те допрев, со надеж те напишав, со верба те прочитав.,,… Поезијата е мислата моја. Симболиката на поезијата помага да станеме повеќе свесни за себе си и за светот околу нас – истакнува Сузана.

По вокација е дипломиран новинар. Била новинар во печатени и електронски медиуми. Бидејќи сега е ангажирана во друг сектор, поезијата í е секојдневие.

-Со поезијата го надоплонувам внатрешниот порив за пишување. Планирам да издадам Збирка поезија. Сепак, оставам на времето, со оглед на моментната состојба на глобално ниво. Предизвик ми се поетските групи од Индија, Колумбија, Перу, Мексико, Аргентина, Првата виртуелна уметничка олимпијада, каде има конкурси на одредени теми. Ги следам и објавувам песни, добивам признанија и награди кои ми значат. Во иднина се гледам со безброј мои поетски творби, во кои се вткаени животните патешествија и актуелното отсликување на секојдневието – завршува Сузана Д. Рулеска.

Loading