ВИРУС ЛИ ЌЕ БЕШЕ …

petar mitrikeskiНепредвидена задача ми зададе редакцијата на Зенит кога ми се јави со молба да се осврнам на актуелнава епидемиолошка ситуација. Да не беа некои со кои си го имам муабетот низ чаршија и да не беше за мојот мил и преубав Прилеп, ќе одбиев. Ама се прелажав. Што да се прави? Прилеп е голема примка, а јас ете, токму поради проклетиов вирус, ова лето нема до го видам (туф, туф – срцето ми тажи). Да, вие сега велите како не бе, не му се идело во провинцијава на господинот, па си бара рачки. Еми, рачки или не, ако дојдам ќе треба најпрво да видам како да ја заштитам мајка ми. Значи ќе треба да бидам изолиран одредено време. Не е неизводливо, ама е напорно, а и што одмор ќе било тоа?

Но, да почнеме од почеток. COVID-19 е високо заразна респираторна болест која ја предизвикува вирусот познат како SARS-Cov-2. Се работи за вирус чија што генетска наследна материја е позитивна, едноверижна РНА и бла, бла … Нема да ве малтретирам со такви податоци. Наместо тоа ќе се задржам на високо заразна болест. Овој вирус се шири многу брзо. Стручњаците ја мерат брзината на преносот на вирусот со научно воспоставен аршин кој што им говори кој е очекуваниот број на индивидуи кои ќе ги зарази еден носител на вирусот. Со други зборови, науката воспоставила таканаречен основен репродукциски број (Ro) врз основа на кој струката знае колкава е реалната опасност од ширење на заразата. Тој број за SARS-Cov-2 е доста висок и изнесува 2-6. Но, што значи тоа? Едноставно, ако не се преземат соодветни епидемиолошки мерки еден заразен ќе ја пренесе заразата минимално на две, а максимално на шест здрави индивидуи, т.е. во просек на четири членови од семејството, роднини, пријатели, колеги, соседи. Но, добро, колку е тоа побрзо од ширењето на грипот или обичната настинка? Доста! Обичната настинка се шири побрзо (Ro=2-3) од, на пример, грипот во епидемијата од 2009 (Ro=1.4-1.6), но и едната и другата болест просечно се шират двојно поспоро од COVID-19. Кај првиот SARS (го предизвикува SARS-Cov) пак,Ro изнесува само 0.19-1.08, што значи дека COVID-19 во споредба со него во просек се шири побрзо за повеќе од шестпати! Тоа е, ете, првата социолошка поука: болеста е доста заразна, што значи дека без соодветни мерки молскавично би се проширила низ населението.

Можеби некој ќе рече, па што со тоа? Еве што. Инкубациониот период за SARS-Cov -2 е двојно поголем од истиот кај SARS-Cov (4-12 дена за првиот т.е. 2-7 дена за вториот вирус), а интервалот меѓу појавата на симптомите и максималната инфективност на заразениот е 0 дена (!) кај SARS-Cov -2 и дури 5-7 дена кај SARS-Cov, што значи дека COVID-19 не само што се шири побрзо од првиот SARS, туку овде и многу потешко се контролира заразата.

Сепак, има ли добри вести? Ако ги разгледуваме податоците ладно и без емоции, некој можеби ќе рече дека има. Во ред, поволно е тоа што смртноста од КОВИД-19 кај делот од населението кое е помладо од 65 години изнесува ,,само,, 0.6-2.8 % во зависност од регионот. Во споредба со шпанскиот грип, таа бројка е ,,смешна,, бидејќи таму таквата смртност изнесувала застрашувачки 95 %. Но, кроце, размислете што реков. Бројките што ги покажувам говорат за застапеност на смртноста кај помладите од 65 во однос на вкупниот број на мртви. Тоа значи дека без епидемиолошки мерки, COVID-19 може да усмрти ист број на луѓе како и шпанскиот грип само што меѓу нив најмал дел ќе бидат помладите од 65. Тоа е втората социолошка поука: адекватната заштита на старите и заслабнатите нема алтернатива, а помладите носат голем дел од одговорноста.

Има ли јунак што ќе излезе сега на мегдан (на пример на Кабања на Варош) и ќе констатира дека не треба да се бориме против овој вирус со драстични мерки, бидејќи бил малечка настинка или некое таму грипче? Го чекам… Во меѓувреме, ние одиме понатаму. Една од поважните карактеристики на COVID-19 е тоа што процентот на заразените што имаат благи симптоми (или немаат воопшто симтоми) е многу висок, што значи дека можноста за тивок пренос на заразата е голема. Од тука произлегува третата социолошка поука: домаќинското однесување сега е на цена, т.е. секој од нас треба да истрпи, да стисне заби и да се однесува како зрел човек, свесен на ризикот и последиците.

Четвртата и последната социолошка поука произлегува од фактот што за разлика од пандемијата на грип од 2009, каде што од 104000 заболени само на еден заразен му била потребна интензивна нега (приклучување на респиратор), во сегашнава ситуација тоа му е потребно на еден пациент од само 16000 заболени, т.е. оваа медицинска постапка сега им е потрбена на 6,5 пати повеќе пациенти. Ова секако тера на подлабоко размислување: треба ли дополнително да го загрозиме здравствениот систем во нашава мала и релативно сиромашна држава, поради лична не одговрност?

Сé на сé, се соочуваме со нов вирус против кого немаме адекватна терапија нити имаме добра вакцина, а потребното искуство го стекнуваме патем. Добро, SARS-Cov-2 не е така смртоносен како некои поопасни вируси, ниту претставува драматична закана за помладите. Сепак, SARS-Cov -2 се пренесува многу брзо (младиот заразен човек најверојатно ќе преживее, ама неговиот дедо или неговата баба можеби не), претставува огромен ризик за старите и заслабнатите (кои во правило ќе подлегнат на своите хронични болести, т.е. веројатно ќе умрат, поради вирусот, а не од него), во можност е да го блокира здравствениот систем, а со тоа и функционирањето на целата држава (имено, карантинот чини скапо, многу скапо).

Што да се прави?

Да се истрпи! Кротко и со доверба кон епидемиолозите, со ум и разум, ама и со цврста вера во Господа. Второстепено е овде кој бил крив, Кина или Светската здравствена организација или поединечните светски водачи. Тоа ќе си дојде на свое место по окончувањето на епидемијата и за тоа ќе се грижат тие кои имаат мандат за тоа, т.е. политичарите (оние разумните, оти гледаме и неразумни). Ниту се важни теориите на заговор од типот немало ворус, сé било лага… Тоа не само што се приглупи и примитивни, туку се и крајно опасни балканизми, кои можеби ќе и го однесат животот на тетка ви.

Првостепено е овде тоа што пустоши нов вирус, вирус од кој што стари и заслабнати умираат, млади лежат в постела со денови, здравствените системи колабираат, а државите банкротираат…

Но, издржете, ќе победиме. Нема да биде лесно, ама ќе победиме.

Петар Томев Митрикески

Aвторот е доцент на Факултетот за филозофија и религијски науки на Универзитет во Загреб (каде што предава филозофија и историја на биологија и однос на наука и вера), надворешен соработник на Институтот Руѓер Бошковиќ од Загреб (каде што се занимава со молекуларна генетика) и на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб (каде што предава генетика), а и е дописен член на Друштвото за наука и уметност од Прилеп

Loading