ТАТКО ЗАБОРАВИЛ БЕБЕ ВО ТАКСИ

ТАКСИСТИТЕ СТАНАА ДОСТАВУВАЧИ

– Бакшиш за презервативи

– Превоз на квасец и црн бибер од пет денари за такси услуга од 50 денари

mkd-106175

„Мајсторе може ли да го однесеш ова до таа и таа локација? Ќе те пречекаат и ќе ти платат“. Нема таксист што не ја слушнал оваа реченица. Таксистите, покрај превозници на патници, се ставаат во улога на поштари или носачи на брза пратка. Ч есто се алтернатива за брзо испраќање храна, лекови, документи и слично од една до друга дестинација. Исполнувањето на “желбите” е сé помасовна практика на такси превозниците.

Не е новена. Таксистите се курири за остварување на фантазии. Од пица до скара. Тоа е секојдневие.

Иако се дискретни откриваат пикантерии од мистериозните мисии. До кој степен отишла заборавеноста, мрзеливоста, па и човековата глупавост. Еве, некои интересни “такси приказни”.

Таксистот Бранко кажува дека “поштарството” преку такси има правила на игра. Се чуди како татко заборавил бебето, а таксистот станал ,,штрк,,.

– Носиме и млеко, чоколадо. Сé што се заборавило за децата. Најчесто храна скара, пици, алкохол. Навечер се почести. Заседнуваат и забораваат. Барааттакси да донесе што недостасува. Сум разнесувал и торби од автобуска, цемент, вар, маси, столици, музички инструменти. Има правила на играта. Наплаќам плус што ќе излезам од возилото да купам во продавница. Ме чекаат пред влезот на куќата или зградата. Направив исклучок, оти врнеше многу дожд. Излегов со чадор да подадам торта. Еднаш татко го заборави седум-осум месечното дете заспано на задните седишта. Бурен живот или беше нервозен. Напред седеше. Кога го превезов, излезе и го остави бебето. Не сетив, оти не заплака. Диспечерката ми јави да се вратам и да го однесам бебето назад – раскажува Бранко.

На возачот Валентин не му е јасно зошто луѓето кои живеат на еден чекор од продавницата и бараат такси за пазарање.

– Во 6.30 ч. наутро носев цигари на сто метри потаму на петти кат. Некои бараат достава до станот. Постара жена, на првиот кат, со скршена нога, секоја вечер порачуваше килограм маслинки. Некогаш се случуваше и литар со литар вино и вода. Најчесто носиме храна и цигари. Бурек се бара дури и по 3-4 пати ноќе – кажува такси возачот Валентин.

Илчо не носи сé и сешто. Особено нешто покабасто. Правило му е само ако го собира во багажникот од возилото.

– Масички, столици, правошмукалка, бојлерче, кои влегуват во гепекот, сум пренесувал од едно место до друго. Се подумувам и за зајрето од пазар. По такси ми пратиле нов костим, претходно однесен да се скуси на шнајдер. Сопствениците на бутикот ми го донесоа до автомобилот. Слично е и со чевлите од поправка. Сум бил поштар за поголема сума пари. Некогаш во коверт запечатен, некогаш изброени на рака – памети Илчо.

За Дејан порачките преку ден се реткост.

– Ме праќаат по пиво, па и по 10 ѓевречиња, леб, млеко, цигари. И по бензин, кога останале луѓе на пат. Ме товарат од ламинати до машина за перење, па и лекарства за бебиња од аптека. И презервативи. Девојчињата претежно праќаат алишта и штикли за излегување. Од дома тргнале со една облека, па кај другарката се преслекуваат во кусо за в чаршија – вели Дејан.

На таксистот Гоце му нарачале да плати ливче за обложувалница.

– Некогаш сум пазарџија, а не таксист. Заборавам која професија ја работам. Ме пратиле да им платам спортска. Добро е што ако ми се видат симпатични натпреварите, истото ливче за себе го пуштам да станам добитник – кажува Гоце.

Зоран доставува само “сериозни” пратки.

– Чуда. Сум носел и црн пипер од  5 денари. Плаќаат повеќе од 50 денари за такси. Порачуваат квасец. Носам и леб. Дали од мрзеливост или од којзнае што – се прашува Зоран.

Драган бил курир на ѕвонче од презервативи и мастики.

– Бев најблиску и диспечерката ме прати. Да се јавам ми даде број на мобилен. За достава на рака, плус пари. Се качив во зградата и излезе еден дечко. Му ја дадов пратката со фискална и му побарав плус 100 денари. Зачудено ме погледна и ми даде повеќе да се честам. Сум купувал женски хулахопки, перлон, големина три. Се изначекав додека излезе жената да ја подигне итната порачка – раскажува такси возачот Драган.

Таксистот Горан е по документите.

– Ми пратиле заборавени клучеви за дома. Праќаат делови за автомобили, упат за на лекар, документи, лична карта, па и лектири и тетратки за на училиште. Еден стоматолог прати вилици. Сум носел и алишта за излегување. И овали, лаптоп, полнач за телефон, па и мобилен – вели Горан.

Таксистите сé и сешто виделе и слушнале.

Loading