„Народ кој што има ваква младина не се плаши за својата иднина“. Вака пишува на една од паролите под кои работат младите прилепчани некаде околу силосите пред околу четири-пет децении. Со лопати в раце копаат и садат млади дрвца за прочистување на воздухот. Тие се бели дробови на фабриките.
Не се знае со сигурност дали е ова акција на вработените од Тутунскиот комбинат, кога се пошумувал просторот околу фабриката или е на работниците од Жито Прилеп. Важно е дека сложни браќа куќа градат. Со песна, и работата е лесна.
Не биле реткост работните акции. Се градело, пошумувало, се облагородувале просторите и планините. Под знамето на Југославија и со титова “мисла” се одело напред и во берење тутун, масовни пошумувања и работни акции за чие учество се бараше “врска”. Така беа и последните во прилепско. На “Мариово” се дотеруваше патот во градба кон Витолиште, а на следната се расчистуваше Тројачката котлина околу селото Беловодица.
Темелите се од времето кога “Господ шеташе по земја” и никој не го бараше.