ДОСТОИНСТВЕН ПРИВРЕМЕН ДОМ ЗА МРТВИТЕ

Капела на Новите градски гробишта

ЈП Комуналец ќе стопанисува со капелата, во чија градба со локалната самоуправа вложија околу 25 милиони денари

Kraj na tradicionalnoto cuvanje na pokojnikot domaСо осветувањето се става во функција капелата на новите градски гробишта која се градеше неколку години. Од денеска, граѓаните, наместо дома, ритуалите за покојникот ќе можат да ги прават во објектот кој беше “насушна” потреба. Моментите на трауми и жалост ќе се ублажат, бидејќи ќе се избегнат тешкотиите за пречувување на мртовецот и останатите обреди за покојникот дома. На почетокот, опелото во капелата нема да биде обврска, иако законот јасно кажува дека во градовите со капела, нужно е мртовците да се однесат веднаш во објектот за таа намена. 

Основен пакет за 3 700 денари

Капелата се протега на површина од околу 500 метри квадратни во ентериер на соодветно осветлување и иконографија, пригодна за вакви инфраструктурни објекти. Дел од просторот понатаму ќе се изнајми за потребите на операторите и за продавачите на цвеќе. Околината на капелата е хортикултурно уредена низ простран плочник.

Enterier spored najsovremenite kapeliЈП Комуналец ќе стопанисува со капелата, во чија градба ЈП и локалната самоуправа вложија околу 25 милиони денари. Оттаму велат дека трошоците за основен пакет се околу 3700 денари. Вообичаено е покојникот просечно да се одржува во фрижидер  во еден од десетте фрижидери околу 12 часа. Или сто денари од час. Илјада денари чини тоалетизацијата, капење, бричење и облекување на мртовецот, исто колку и прием и едночасовно изложување на покојникот. Користењето на просторијата за роднините за таканаречениот обред “за покој на душата”, од еден час се пресметува, исто така, илјада денари.

Инаку, според одлуката за утврдување на цените, донесена од управниот одбор и потврдена од Советот на општината, Комуналец ќе ги пресметува услугите на единица час. Едночасовно користење на фрижидер до 24 часа е сто денари, а над 24 часа, секој час се пресметува по 60 денари. Ист е принципот и за користењето на просторот за изложување. Секој нареден час се наплаќа илјада денари, исто како и за просторијата за обреди.

Во четирите сали за изложување, се прават свештеничките обреди. Дознаваме дека надоместот за еден свештеник чини 3400 денари, за двајца 4400 денари, а за тројца 5400 денари.

До капелата се најдува и трпезаријата во која, по желба на семејството после погребната церемонија, се нуди ручек од 170 денари од порција, плус пијалокот.

Бесплатен погреб

Во Комуналец истакнуваат дека околу осум илјади семејства се корисници на трошоци за “бесплатен погреб” со месечен надомест на сметката за ѓубретарина од 50 денари. Иако трошоците се враќат дури по триесетина години, сепак, поради социјалниот елемент на ова чувствително прашање, се одржуваше ова олеснување за семејствата. Но, прописите веќе не дозволуваат да се евидентираат граѓани за “бесплатен погреб”. Оние што веќе се регистрирани, односно за сите членови во семејството, според адресата на живеалиштето, имаат право на гробно место на новите градски гробишта, на бетонска рамка на погребното место, патека и столче.

Ќе продолжи и градбата на црквата Света Тројца, веднаш до капелата.

Денеска ќе се стават темели за помала капела која ќе биде лоцирана до старите градски гробишта, а инвеститор е Здружението за заштита на старите гробишта.

Бел Фаст

ПОКОЈНИКОТ БАРА НЕГА

Semejstvoto rastovareno od pokojnikot - Suzana KamceskaСузана Камческа од погребниот оператор Бел – Фаст 03 вели дека изборот е на граѓаните кој оператор ќе го одберат со лиценца, кој има дозвола за цело дејствие да се изврши погребот од почеток до крај, односно од ископ до закоп. Останатото е на фирмата. Постапката за погребот започнува со обезбедување на документот за смрт, за кој се плаќа 500 денари кај лекарите од Брза помош, откако ќе ја утврдат смртта. Надомест се плаќа и ако смртта настапила во болница.

– Со тој документ, ги преземаме работите во свои раце да ја ублажиме болката на семејството и да го сметнеме од товарот малтретирањата за подготовка на погребната церемонија. Ако станува збор за “бесплатен погреб” потребно е семејството да каже на кои гробишта е точно гробното место. Ако семејството нема гробно место, во “бесплатниот пакет” припаѓа и гробното место на новите гробишта, се разбира со столче и бетонска рамка. Потоа со Комуналец ги регулираме работите и копаме, закопуваме, превезуваме и ги обезбедуваме услугите од “бесплатниот пакет” во висина од 7400 денари. После Комуналец ни ги префрла средствата на сметката. На граѓаните останува да донесат облека за покојникот, ако имаат. Доколку смртта била изненадување, за покојникот располагаме со костим, кошула, чорапи, врска, долна облека и чевли, што чинат околу 3000 денари. Наши луѓе без надомест за семејството го облекуваат и го капат покојникот. Потоа го  пренесуваме до капелата и до последното почивалиште. Не наплаќаме за превоз на покојникот. Ако е надвор од градот се наплаќа околу 4500-5000 денари  да го земаме од болница од Скопје. За плаќање остануваат материјалите за церемонијата, шамивчиња, крпи, сапуни, пченица вино, свеќи, прекривки, чаршафи… – објаснува Камческа.

Таа вели дека трошоците се исти и за граѓаните кои немаат пакет за “бесплатен погреб”.

– Телото на покојникот си бара пазење. Некогаш ни на пари не гледаш. Не може секој да ја издржи оваа работа. Во потешки случаи, на пример сообраќајка, после 6-7 дена треба да чистиш по покојникот. Има тешки случаи. Не е работата само да продадеш сандак, треба сé да се заврши. За продавање сите можат, ама главно е да се среди починатиот – вели Камческа.

Вкупните минимални трошоци се околу 25 илјади денари. Пензионерите, со месечната задршка на пензијата од 140 денари, добиваат околу 500 евра од Фондот за пензиско осигурување за подмирување на трошоците за погреб, а вработените надомест од фирмата според колективниот договор, што е доволно за пристојна погребна процесија, а давачките за споменик се околу 500 евра.

Сандаци од 40 до 500 евра

Најефтиниот сандак чини 2400 денари. За погребна опрема – сандак, крст, венец, комплет свеќи, чаршави, некролози, по најниска цена би достигнала до 7000 денари, а ако е со повисока цена сандакот од 3-4000 денари, износот се зголемува. Најскапите сандаци се движат од 20 до 33 илјади денари, но поретко се купуваат. Минимум 7-8000 денари, односно во висина на солидарниот погреб кој се смета 7400 со сé ископ и закоп, а превозот е посебен.    

Арно, ама со стандардот?!

Направиме анкета за новината со капелата. Некои граѓани слушнале, ама не разбрале, особено за ценовникот на услугата. Други не ни слушнале дека покојниците ќе се носат во капела. Трети пак бегаат од темата. 

Vesna PetreskaВесна Петреска – Добро е што се изгради капела. Кај што има помлади, тежок чин е да се однесат младите, кај што се постари полесно се поднесува. Но, сé е навика. Во другите градови одамна имаше. Ние сме малку назад, ама одиме и ние напред. Според сиромаштијата, тешко дека ќе може секој да си го дозволи тоа.

 

 

 

 

 

Lepa PaskoskaЛепа Паскоска – Добро ќе биде за народот, потребна е капела, оти секој нема услови дома. Подобро е вака да се изразува сочувство. Кога постар ќе почине, на младите в куќа да не им биде страв или шубе што починатиот го пречувувале дома. Но, ако е скапо, според стандардот, мислам дека ќе има проблеми. Нема да ги носат починатите во капела. Треба цената за услугата да се прилагоди според просечна плата.

 

 

 

 

Spase MiceskiСпасе Мицески – Добра работа, ама и лоша. Пари сака. Убава за оние во станови. За ние што сме во куќи, не е убаво во однос на цената, оти веројатно таа ќе биде голема – 3800 денари и попот 3000. А пензија земаме 5000 денари. Кај го изгубил човекот, па и парите да ги изгуби.

 

 

 

 

Orde MomiroskiОрде Момироски – Цената е висока, скоро 4000 денари. И секој нареден час за пречувување ќе се наплаќал плус. Скапо е, оти работниците земаат 7-8000 до 10000 денари плата. Прифатливо е, подобро е од домашно малтретирање, само цените да се прилагодат.

 

 

 

 

 

 

Blagoja PecijareskiБлагоја Печијарески – Капелата е неминовна. Ние сме суеверна држава. Не може навиките да се искоренат лесно. Треба време, ама и тоа ќе биде. Православни христијани сме и обичаите не ги фрламе. Научен сум, дедо, баба сум облекувал дома. Да ми се случи нешто мене, не би дозволил да ме однесат в капела. Но, кој ќе го качи починатиот во деветкатницата?! За нив е добро и цената не е битна.

 

 

 

 

Marija IlieskaМарија Илиеска – Треба да има капела, оти некој може дома да ги чува умрените, а некој не може. Битна ќе биде цената за нашиот стандард, оти не секој ќе може да си дозволи да го однесе умрениот в капела.

 

 

 

 

 

 

 

Menka MirovicМенка Мировиќ – Во Германија има капели споени со гробиштата. Капелата треба да си има екипа за го крене мртовецот, да го пренесе и да го спушти во гробот.  

Loading