ЗА ДВЕ БАНКИ, ОД КРАЈ В КРАЈ НА ГРАДОТ

Во редовна функција градскиот јавен превоз

– В недела на 27 април бесплатни автобуси за гласање

bus mapa

 

Прилеп има јавен градски превоз. Долгоочекуваната и барана услуга од градските татковци, веќе ја добија граѓаните кои сега уживаат во организиран, безбеден, и пред сî ефтин превоз со модерни и удобни автобуси. Само за 20 денари или како што популарно милуваат да речат прилепчани – “за две банки” може да отидат од едниот до другиот крај на градот и ги завршат обврските. Можат да стигнат од Салида до Новите градски гробишта, од Економскиот факултет до Рид, од Амфора до Лук Оил. Трите линии се конципирани така што ги опфаќаат крајните точки на градов кој е доста раширен и ги поврзуваат речиси сите јавни, национални и витални институции, установи, објекти и места кои секојдневно се во релацијата на голем број граѓани. Практично, со купување на дневна карта која чини само 50 денари, може да се завршат сите обврски со користење на превозот без притоа да се малтетираат домашните да нî превезат со автомобил, па паркинг или пак да плаќаме цена на возење по таксиметар. ЈП за просторно и урбанистичко планирање (ПУП), кое го организира јавниот превоз, ги предвидело потребите и пушти во промет и месечни или годишни карти. Попусти ќе има и за пензионерите кои со слободните карти ќе може да го крстосуваат градот. Голем интерес покажала и администрацијата и вработените во образованието кои ќе бидат вклучени во системот за превоз. Попуст има за учениците и студентите. Комплетна бенефиција, односно целосно се ослободени од плаќање лицата со посебни потреби кои својата состојба треба да ја докажат со потврда односно легитимација во Отворената канцеларија која се наоѓа на Булеварот “Гоце Делчев” во просториите на поранешно “Астибо”. Тука се купуваат и припејд картички или билетите, а граѓаните може да плаќаат и во кеш, во автобусот, но со монети односно “железни пари” во автоматчето кое отчукува билети.        

 Динамиката на кружење на 6-те автобуси е планирана во утринските и вечерните часови да биде на 30 минути, а во останатиот период од денот автобусите вртат на секој час.

Властите планираат набавка на уште 4-5 нови автобуси, со што ќе се направат уште две нови линии, кои ќе ги опфатат останатите делови од градот во кој сега се вршат реконструктивни зафати на улиците како дел од населбата Тризла и типската населба со што целиот град ќе биде покриен.                       

Ќе има и електрични комбиња за централното градско подрачје. Планирано е да се опфати и тополчанскиот крај, Мажучиште, Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, Лагово, Беровци, Старо Лагово, Селце и Радобил. 

Градскиот превоз стартуваше за Велигден кога граѓаните имаа три дена гратис возење. 

Бесплатен јавен градски превоз граѓаните ќе имаат и в недела на  27 април, на денот на изборите, во сите правци. Возењето ќе биде бесплатно, за остварување на гласачкото право.

Автобусите почнуваат со возење од 6.30 ч. до 22.30 ч.

 

ЦЕНОВНИК НА БИЛЕТИ

 

Зона

А

цена на билет за:

градски линии

едно возење

20 денари

дневен билет

50 денари

викенд билет

120 денари

неделен(седумдневен) билет

250 денари

месечен билет

600 денари

годишен билет

6 000 денари

месечен билет

за ученици и студенти

350 денари

 

ВОЗЕН РЕД:

 

Автобусите од јавниот градски превоз со работа ќе започнуваат во 6.30 ч. наутро. Последното возење на автобусите ќе биде во 22.30 ч.

од 6.30 ч. – 9.30 ч. – автобуси ќе има на секој половина час

од 9.30 ч. – 12.30 ч. – на секој час

од 12.30 ч. – 16.30 ч. – на секој половина час

од 16.30 ч. – 20.30 ч. – на секој час

од 20.30 ч. – 22.30 ч. – на секој половина час

 

РЕЛАЦИИ

 

Автобуската линија број 1: Нови градски гробишта, Варош кај трлото, Варош брашнара, Варош кај меаните, Економски факултет, амбуланта на Тутунски комбинат, стара Виша школа, старо воено училиште, Педано, Фурна Плетварец, зграда Табаана, Брза Помош, Градски Стадион, Градски Театар, Матично, ООУ Рампо Левката, Хотел Салида.

Автобуската линија број  1А: Хотел Салида, ООУ Рампо Левката, Матично, Градски Театар, Градски Стадион, Бонита, 13. катница, Педано, Мице Козар – Ќутуче, Здравствен дом, Гимназија Мирче Ацев, амбуланта на Тутунски комбинат, Економски факултет, Варош кај меаните, Варош брашнара, Варош кај трлото, Варош кај амфитеатарот, Нови градски гробишта.

Автобуската линија број 2: Економски факултет, Интернат, Белстон, ООУ Блаже Конески, Црква Св. Петка, Автобуска станица, Футура маркет, Палма Шоп, Ла Страда, Фурна Плетварец, бела зграда Табаана, Завод за здравство, Градска болница, ул. Мирче Ацев кај Центропромет, пржилница АС, Ридтекс, механичар Ице Тумбе.

Автобуската линија број 2А: ќе сообраќа на следната релација: механичар Ице Тумбе, Ридтекс, ул. Мирче Ацев кај Центропромет, Градска Болница, Стерна, Бонита, Фурна Плетварец, Ла Страда, Палма Шоп, Футура маркет, Автобуска станица, Тедико кај Точила, ООУ Блаже Конески, Белстон, Интернат, Економски Факултет.

Автобуската линија број 3: ќе сообраќа на следната релација: Амфора, Жабино маало, Васидора, Магацини на Центропромет, Дониа, Терминал, Ф-ка 11-ти Октомври, хотел Сонце, Симпо, Палма Шоп, Ла Страда, фурна Плетварец, бела зграда Табаана, Завод за здравство, 5-та прилепска кај пазарчето, 5-та прилепска кај зградите, АМСМ, Лук Оил.

Автобуската линија број 3А: Лук Оил, АМСМ, Иван електричар, Бонита, фурна Плетварец, Ла Страда, Палма Шоп, зад Суд, Симпо, хотел Сонце, Форд сервис, Терминал, Дониа, Магацини на Центропромет, Васидора, Жабино маало, Амфора.. 

Loading