ПРЕКУ ПОСТ ГО ДОЧЕКУВАМЕ ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО

Со наближувањето на Велигден – Воскресението Христово, празникот над празниците, привршува и Великиот или Велигденски пост. Тоа е период од повеќе од 40 дена, кога православните верници се воздржуваат од мрсна храна – храна од животинско потекло. Но, во овој пост и построго, зашто според каноните на црквата, од понеделник до петок не се јаде масло и не се пие вино. Само во саботите и неделите и некои празници како Св. Младенци, Свети Алексиј и.т.н. се дозволува масло и вино. Риба се јаде освен на Благовештение, и на Цветници. Постот се исполнува во спомен на четириесетдневниот пост, кој го издржа нашиот Спасител Господ Исус Христос, Бог кој стана човек заради нашето спасение, кога и беше искушуван од ѓаволот во пустината, набрзо по крштението.

Но, многу важно е што, постот не се состои само од воздржување од храна, туку и од лоши мисли и лоши дела. Затоа деновите на пост, посебно треба да бидат исполнети не само со скромно јадење, туку и со молитва, покајание, простување и добри дела кон сите. Токму затоа, овој период на пост и започнува со неделата на Прочка или Сирна недела, кога пред да започнеме со пост, простуваме и бараме прошка од оние на кои сме им згрешиле, намерно или ненамерно, всушност на сите. Во периодот на Велигденскиот пост, верните Христијани посебно се подготвуваат за примање на Светата тајна Причест. Храмовите, особено во саботите и неделите се исполнети со редици луѓе, кои доаѓаат да се причестат, односно во вид на леб и вино да го примат Бога, да го примат Спасителот Христос.

Со празникот Цветници, Христовото последно влегување во Ерусалим, кој е секогаш во неделата пред Велигден и како и  Велигден, и тој го менува датумот, завршуваат шесте седмици пост и започнува последната седмица, таканаречена Страстна, страдална седмица, во која се случиле сите настани поврзани со страдањето Христово и Неговата смрт на крстот. Веќе од Велики Четврток со вапцувањето на Велигденските јајца, се навестува Христовата смрт и воскресение.

Јајцето е симбол на Христовото воскресение од неколку причини. Навистина, црвената боја на јајцето ја претставува Христовата крв, пролеана за нас на крстот, а јајцето, бидејќи ја има формата на целиот свет и наизглед е мртво, затворено, но во него има живот и дека со кршењето на јајцата, ние духовно присуствуваме во отворањето на гробот и Христовото излегување во воскресение.

Во храмовите на Македонската православна црква и нашите насекаде низ светот, а и во сите православни цркви, реки луѓе доаѓаат да присуствуваат на читањето на 12-те страдални евангелија во кои се говори за Христовите страдања и смртта, изнесувањето на крстот со распнатиот Христос на Велики четврток вечерта. На Велики Петок, кој од последниве години е и неработен ден, мноштво луѓе доаѓаат да се поклонат на Христос, кој е мртов и е положен во гробот, носејќи јајце и различни дарови. Тогаш на средината на храмот се поставува гроб, на кој се поставува Плаштаницата, односно платното во кое беше завиткан Христос, кога беше симнат од гробот.

Великиот пост, а и другите посни денови во текот на годината, за христијанските верници се време на воздржување, преиспитување, навикнување на скромност и потврдување на верата, затоа постот не треба да го чувствуваме како некоја тежина, но со радост да го исполнуваме.

Од многу медицински стручнаци секојдневно слушаме и за здравствената оправданост на постот како телесно очистување и во овие времиња на брз начин на живот и нездрав начин на исхрана е многу потребен. Оној кој се навикнал на постот како начин на живеење, и деновите кога се мрси, односно, се јаде мрсна храна, ќе ги помине во поскромно јадење, а не во прејадување и препивање, кое не е добро ниту телесно, ниту духовно.

Ова води кон Бога, кон посилна вера и љубов кон Бога и ближниот, а ближен е секој човек и кон секого треба да имаме љубов и да правиме добро, тогаш навистина можеме да речеме дека живееме христијански.

Loading