МЕРАК ДА ТИ Е НА ДОКТОР ДА ОДИШ

Уредот стана репрезентативен објект по пет децении

– Главнината од инвестициите се сопствени пари

По половина век објектот кој такаречи до вчера наликуваше на запуштена зграда доживеа да се освежи со нова фасада. Поставени се нови прозорци, а наскоро и врати низ амбулантите, потоа лифт, модерна техника во службите, лабораториите и многу други зафати е едногодишниот биланс на вложувањата во Здравствениот дом. Постепено домот го сменува ликот во уредена и чиста институција, небаре галерија или музеј. Уредот, како што се уште се вика оваа установа за нудење на примарни здравствени услуги, се претвори во репрезентативен објект со пари, обезбедени со домаќинско и рационално трошење, а и од зголемените приливи од ангажманот на одделот на трудова медицина. Речиси 90 отсто од бизнис секторот го препознава Домот за сериозна институција за доверување на месечните и периодичните прегледи на работниците.

На новинарско прашање зошто досега не се вложувало за одржување на објектот,  од Здравствениот дом објаснуваат дека конечно се собрале сили на пациентите драстично да им се унапредат условите, а на лекарите да им се создаде амбиент за комплетен квалитетен здравствен сервис за граѓаните.

– Тоа беше нужно, бидејќи објекот беше запоставен пет децении. Малку, речиси ич, не се вложувало во одржувањето. Зјаеа прозорците стари половина столетие. Пациентите зиме мрзнеа, а топлината “бегаше” со промајата од сите страни. Со новите прозорци е зголемена енергетската ефикасност и пациентите ќе бидат стоплени, а лете заштитени од горештини. Масовно експлоатираниот објект секој ден од илјадници граѓани комплетно е реконструиран во заедничкиот зафат  и сопствени средства. Реновираната фасада го претвори Домот во репрезентативен. Пристапноста е подобрена со поставување на лифт. Објавен е тендер за замена на внатрешните врати на сите амбуланти – велат од Здравствениот дом.

Менаџерите реагираат на забележаните недостатоци. Граѓаните плаќаат, а обврска на вработените е да нудат поквалитетна заштита. Затоа се отстрануваат сите “тесни грла”.

– Сменета е скалишната ограда, а низ 600 м2 ходници се поставени еколошки медицински подови. Измазнети и обоени се ѕидовите, не само од хигиенски, туку и од естетски аспект –  кажуваат  од Уредот.           

Здравствениот дом е технички одлично опремен и успева да го следи прогресот во медицината. Таа насока ќе се следи и годинава со доста средства. Не се мали вложувањата во техничката модернизација. Осовременети се амбулантите во Кривогаштани, во Дебреште. Збогатена е лабораторијата во трудова медицина со три центрифуги, хематолошки бројач… Набавен е ЕКГ и апарат за мерење на видот, а во одделот за спортска медицина инсталирана е машина за стрес тест со лента.

И објектот на итната медицинска помош е саниран, а лекарите и медицинскиот персонал се облечени во униформи по протоколот на Министерството за здравство. Патронажната служба и итната медицинска помош добија нови возила.

Потребен е медицински кадар, зашто расте бројот на пациентите. Недостасуваат лекари и лаборанти. Добиена е виза за вработување на двајца лекари. Министерството дозволило и ангажирање уште на еден лекар и медицинска сестра за “руралниот доктор”. Граѓаните ќе бидат среќни ако се добие позитивен одговор на барањето за ангажирање уште на неколку лекари и лаборанти за оптимално кадровско екипирање и соодветно одговарање на предизвиците.

Од 216 вработени, 65 се доктори, а медицинскиот персонал е околу 120. Останатите се технички и административен кадар.  Установата нуди и здравствена заштита и за пациентите од Кривогаштани и Долнени.

НА 120 ИЛЈАДИ ЖИТЕЛИ 14 ТИМА

Брзата помош сервисира територија со 120 000 жители, заедно со пациентите од Кривогаштани, Долнени, дел од Крушево и Македонски Брод. Точно 14 мобилни екипи им се на служба на граѓаните 24 часа. Се очекува комлетирање уште на два тима.

РЕЦЕПТИ И ОД РУРАЛНИТЕ ДОКТОРИ

Рурален доктор е мобилна бесплатна лекарска екипа. На одредено време се прегледуваат жителите од 47 села во прилепско, долненско и кривогаштанско. Во училиштата се мери крвен притисок, крвна слика, холестерол. Екипите ги посетуваат пациентите дома, ако нема соодветно место. Наскоро “руралниот  доктор” ќе може да препишува и терапија.

Патронажната служба се грижи за 441 стари и хронично болни пациенти. 

Loading