Ѕвончето бие во подобар амбиент

В понеделник стартува трката за знаења на основците и средношколците

На почетокот на септември најмногу се радуваат првачињата кои ќе седнат на столчињата пред клупите во училиштата, ќе се сретнат првпат со учителите и наставничките, со тетратките и моливите во долгогодишниот процес на образование. Дотерани со нова гардероба, опремени со нов училишен прибор и торби за на рамо влегуваат во новата учебна година. Првото училишно ѕвонче за децата претставува возбуда, брзањето кон училишниот двор. Екнува детскиот џагор и низ чаршијата со еуфоријата за училиштето. И родителите се во ритамот на децата, каков ранец да се купи, каков избор да се направи на тетратки, моливи, ќесиња… Бликаат насмеани лица на деца со штотуку купените ранци на рамо, оти со нетрпение се очекува откривањето на нови светови во училиштата. Тинејџерите жалаат за крајот на безгрижното лето полно со авантури, без домашни задачи и учење.

Дел од родителите се радуваат, оти купуваат за својот ученик, а дел од оние со мали примања, ќе соберат сили да ги насмеат децата со нова училишна опрема.

Училиштата, широко, дотерани, ги отвораат вратите за децата. Во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане” е реконструирана фасадата, сменети се 10 дрвени со ПВЦ врати. Се менува стариот громобран со  нов. Децата ќе влезат во партерно уреден двор во ОУ “Рампо Левката”. Обоени се ѕидовите и таваните во сите ходници и во спортската сала. Во ОУ “Кочо Рацин” реконструрана е фасадата. Нов лик ќе добие и подрачното училиште на Ридот. Се преземаат и други партерни зафати за разубавување на амбиентот за следење на наставата. Реновиран е влезот и се поставени плочки во ОУ “Добре Јованоски”. Поставена е и светлечко обележување со името на училиштето. Иновиран е канцеларискиот мебел во просториите на секретарот и благајникот. Опремена е со нов инвентар ресурната соба за децата со посебни потреби. Поставена е смарт табла, набавени се два лаптопи и мултифункционален принтер. Со донација се обезбедени три лаптопи и два мултифункционални печатачи за наставниците и учениците. Во подрачното училиште “Лазо Филипоски” реновирано е спортското игралиште  и се сменети вратите и двата влеза. Во ОУ “Климент Охридски” е ставена  во функција новата спортска сала во подрачното училиште во селото Мажучиште.

И за среднистите се подобрени условите. Во СОУ “Орде Чопела” опремена и освежена е лабораторијата. Учениците од СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” ќе имаат уредени простори и нова опрема за библиотеката.

Loading