Даниел Мелвил  Македонска рапсодија 40

Заскриени во градината околу истата куќа каде се сретнаа во библиотеката, набљудуваа што станува околу неа и по можност во неа. Изабела со многу необично, дотогаш неиспитано чувство, го гледаше персоналот од пред 30 години, жени и мажи неостарени, некои веќе починати во времето од кое дојдоа двете жени, но кога го виде Дарон, а и себе на возраст од 30 години, осети во себе нешто неопишливо.

– Што се случува?, ја праша шепотејќи Инес.

– Се чувствувам многу чудно кога се гледам себе си жива, ќе речам: вистинска, од пред толку години, а јас сум овде и се кријам од себе.

– Силн о е тоа чувство во првите моменти, па и непријатно. Човек не е подготвен за таква ситуација. Но, брзо ќе се навикните.

– Да, но сега разбирам дека мојата желба да заживееме заедно во брак со Дарон е утопистичка. Имам физички и физиолошки 61 година. Тој е во полната сила на своите 37 години. Немам право да барам да живее со мене. Нека си најде помлада сопруга. Главното е да го спасиме од болеста, од смртта.

– Зар не го сакате повеќе?

– Го сакам со сето мое срце, но не смеам да му наглавам ропство да живее со старица каква што сум .

Инес се насмевна, мешајќи ги како обично “ти” и “вие”.

– Изабела, прво, вие не сте старица, туку добро одржана жена за вашите години. Второ, од ова време ќе отидеме во моето и таму ќе бидете третирана така што во дадениот момент ќе се слеете во едно со онаа млада жена што ја гледате на клупана и која сте вие од минатото. Ќе се слеете со неа во едно како што две сферички живосребро кога се доближат една до друга се слеваат во една. Тоа нема да ви предизвика никакви компликации нити вам, сегашната Изабела, нити на онаа таму од пред 30 години. Во моето време веќе одамна за науката стареењето не е неповратлив процес. Човек може без никаков ризик да биде подмладен колку што сака, и тоа не само по изгледот, туку реално подмладен, физиолошки и физички. Така ќе биде и со вас. Секоја клетка од вашето тело ќе стане клетка на лице старо 30 години. Поточно на годините што ги имате онаму, во она ваше тело кое седи на клупана во парков. Сегашната надворешност ќе ви биде оставена, додека не ги свршите потребние работи пред тргнување за нашето време, продавањето на имотот и друго.

– Да, треба да мислам на тоа како, од што ќе живееме во вашето време.

– За тоа, Изабела, не се грижете.Во моето време ќе има можност за нормална егзистенција за вашиот сопруг и за вас. Пари да однесите од вашето време, не е потребно. Ќе ги дадете на наш човек кој престојува по должност за долго во вашето време, а против вредноста ќе ја добиете кај нас веднаш без проблем, но, како што ќе видите, кај нас наместо парите постојат други средства што се исто толку практични, ефикасни, колку и овдешните пари. Ви предлагам да го најдеме вашиот сопруг насамо и да позборуваме со него, ама засега не смее ништо да í каже на својата сопруга, вам, која седите на клупана и со видно задоволство читате книга.

 (продолжува)

Loading