ДА ГО ВРАТИМЕ УРБАНИОТ ЛИК НА ГРАДОТ

Бранко Нешкоски, директор на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање

По кружниот тек кај поранешен Тинекс, на булеварот ќе има уште еден – кај Градска кафеана. Планирано е со кружен тек да се реши и тесното грло кај  новата Автобуска станица? 

– Кружни текови ќе има кај Димо Наредникот и Александар Македонски, кај Градска кафеана односно Булеварот и Прилепски бранители, како и кај новата Автобуска станица и кон Точила. Доколку регулираме со кружни текови, мора да продолжи системот на отворен сообраќај за да нема застои со семафори. Претстои капиталниот проект кај мостот Табана. Основниот проект очекуваме да биде готов наесен и да имаме финансиска помош од Владата. Инаку, за претходниот проект за Табана беа најдени пари од Светска банка, но беше откажан.

Жителите од Типската населба кога сакаат да одат за Скопје, минуваат низ централното градско подрачје. Може ли поинаку?

Тоа ќе се постигне со реконструкција на улицата Победа со мост. Односно опфаќање од Макпетрол на влезот на градот, преку речното корито и поврзување со улицата Васко Карангелески кај Касарните. Со поддршка од централниот буџет. Ова во иднина ќе се овозможи и поврзување на урбаната населба со градски сообраќај. Патем, иако има две нови градски линии кои веќе се одобрени на Совет, не може да функционираат затоа што зависат од набавка на нови автобуси.

Катната гаража зад Градската кафеана е започната. Како до повеќе паркинг места во градов?

Со катната гаража, на приземјето и катот, ќе има околу 90 паркинг места, Речиси двојно од досега. Просторот е за таа намена врз основа на деталниот урбанисти план пред 7 години. Дури и пред 20 години, тој простор е со таа намена. Сите советници го изгласале, а граѓаните можеле да ги изнесат забелешките тогаш, за време на јавната анкета. Со зголемените паркинг места ќе се врати животот во Старата чаршија. Претстои сообраќајно решение за евентуален влез од кај булеварот, спроти градската аптека само во десно и излегување од десно, со цел влезот во катната гаража да биде почитлив. Ќе има катна гаража и кај споменикот Карпалак каде има пристап со монтажна платформа на 1000 метра квадратни со 50 места. Планирана е катна гаража и меѓу Општината и Поштата.

Што со куќа која е ругло кај новиот кружен тек кај деветто катницата?

Според измените на деталниот урбанистички план кој е приватна инвестиција и е во Министерството за транспорт и врски, ќе има 9 катница од другата страна како огледало на веќе постоечката, односно градска порта. Предвиден е и низок дел со приземје и 4 спрата со деловен простор. Новиот објектот ќе биде на иста линија на постоечката висококатница. Доколку не се реализира, стариот објект останува затоа што е приватен со имотен лист за кој одлучуваат сопствениците. Има 2 метри пешачки појас, а приватниот објектот само тангира до пешачката патека.

Ќе се доуреди ли хортикултурно кружниот тек кај поранешен Тинекс?

Скулптура од бел мермер од прилепската колонија ќе биде поставена на средишниот дел од кружниот тек со што ќе има своевидно продолжување на Арт плоштадот.  

Граѓаните реагираат на паркираните автомобили речиси пред Участакот во центарот на градот?

Ќе се реконструира делот, односно продолжението на плоштадот  Методија Андонов Ченто пред Участакот од околу 7 – 8 000 м2. Фонтаната со дланките останува како симбол на изградба на водоводот Струденчица. Ќе има ново партерно уредување. Наесен да се распише тендерот и да почне реазлизацијата. Очекуваме трговските субјекти да покажат разбирање за носењето на материјалите.            

ФИНАНСИСКА ДУПКА ЗА АВТОБУСИТЕ

Втор пат сте на чело на ЈП за ПУП како искусен архитект. Од 2005 до 2017, и сега од јануари? 

– Го затекнав со 11 милиони денари борч на име неплатени рати за автобусите на метан за градскиот превоз. Претходниците ненаменски ги потрошиле средстата предвидени за кредитот. Финансискиот долг го презентирав пред советниците. ЈП за ПУП изработува проекти за потребите на градот врз основа на планска програма донесена од Советот на Општината и не може да прави профит. Мора да се најде начин за надминување на финансискиот колапс за да не се блокира работењето. За минатите 6 месеци се направи реструктуирање на дејностите. Сакам да му го вратам значењето како основен двигател на урбаниот дизајн и градските навики.

Инаку, формирано е 2004 година само со еден вработен. Во 2017 година имаше 104 вработени. Како составен дел на урбаното живеење, подоцна се вклопи и организирањето на паркинг просторот, а се наметна и јавниот градски превоз кој е социјална категорија и без субвенционирање не може да функционира. Сега брои 74 вработени кои интензивно работат на изготвување проекти.

ГРАДСКОТО ВОВЧЕ ПАК АТРАКЦИЈА

На радост на најмалите, градското вовче е повторно во функција. Пајак службата е пак е активна со цел да се зголеми совеста кај возачите за да испраќаат СМС порака од 30 денари за час паркирање. Контролорите се на терен и зголемен прометот од паркинзите.

Loading