КАДИФЕНИОТ ГЛАС И СКРОМНОСТА МУ ГИ ДОНЕСОА ГЛАСОВИТЕ ОД ПУБЛИКАТА

Прилепчанецот Сашо Башески победи во „Никогаш не е доцна”

Македонецот, поточно прилепчанецот, а уште попрецизно – варошанецот Сашо Башески (55) победи во телевизиското музичко шоу „Никогаш не е доцна”. Тој се искачи на тронот со поддршка од над 6.000 освоени смс – гласови од публиката. За него, во емисијата која е наменета за музичките таленти кои не се популарни, а се постари од 45 години, гласаа обожуватели освен од Македонија, од Србија, Црна гора, Босна и Херцеговина и Хрватска. Во регионалниот натпревар кој практично траеше 9 месеци, Башески победи 72 колеги во 6 натпреварувачки круга. Балканската популарност што ја стекна, не му ја наруши скромноста, а кадифениот глас му ја донел победата. Полека, круг по круг, песна по песна стигна до финалето на 23 јуни како единствен претставник од Македонија кога ја отпеа песната “Македонско девојче”. Се круниса со титулата победник со смс гласови, покрај победничките во категориите: гласање преку Фејсбук и избор од жирито. Наградата е во можност да снима песна во Гранд продукција.

– Најпеаната македонска песна предизвика еуфорија кај публиката. Да излезеш од државава и со песна да победиш е голема чест. Им благодарам на сите кои гласаа за мене и ме поддржуваа во целиот серијал. Се потрудив да се претставам, и себе, но и Македонија најдобро што умеам и можам и тоа не остана незабелезано – вели Сашо Башески, победник со смс гласови на деветото издание на музичкиот наптревар “Никогаш не е доцна”.

Сашо Башески има музички ген, наследен по татко му Киро, а заедно со брат му Дејан го одржуваат дуото со кое настапуваат над три децении во кафеани, на семејни прослави. Настапувале и надвор од Македонија. Токму, брат му Дејан бил иницијаторот да се пријави во телевиизискиот натперевар и бил неговата екипа за поддршка. Воопшто никаде не лобирал, никого не молел, само на фејсбук објаснил каква е постапката.

-Бојата на гласот е таа која плени и точноста во интерпретацијата, како и емоцијата во изведбата. Душа и давам на песната, на текстот. Можеби затоа добив дури илјада гласови повеќе од второпласираниот. Победив со мојата скромност. Наградата ми е потврда дека сите мои настапи биле квалитетни и гледачите тоа го препознале – вели Башески.

Како што е мирен и тивок по табиет, и такви песни пее. Ги обожува старите македонски народни песни, но и севдалинките.

-При настапите им предлагав песни кои би сакал да ги пеам. Ми овозможуваа од првичниот избор да направам, пак избор. Освен “Македонско девојче”, ја испеав “Зошто си ме мајко родила”, “Билјана платно белеше” и “Мој дилбере”, “Девојка из града” и “Да зна зора”. Во третиот круг пеевме во дуел и еден победуваше, јас одев само напред со победите – објаснува Башески.

По професија е машински техничар, со многу мало работно искуство. Живее од пеењето и од неговиот глас. Знае и да свири бас гитара. Короната малку ги стопирала, но од музиката и песната, заедно со брат му, не се откажуваат.

-Сме свиреле во Липа, во цветната сала за бизнис групи. На свадба во Грција, сме настапувале 2 месеци во Вршац. Свириме на приватни забави и свадби – вели Башески.

Наградата се состои од можност з аснимање н асопствена песна. Веќе пристигнуваат понудите. Сака текстот да биде од Цеца Сјеклоќа.

– Најверотно ќе биде балада. Да одговара на мојот стил, на мојот глас. Турбо фолкот не ме привлекува и не гледам ништо уметничко. А дали ќе стане хит та анов апесн аникој не знае, но се надевам – вели Башески.

Неодамна настапи на фестивалот “Валандово” сопесната “Спомени” и доби награда за аранжман на Дарко Илиевски. Музиката и песната ќе продолжат да бидат негова сопатничка.

Калиопи за Сашо

Финалисти биле 12 кандидати од кои 6 од Босна и Херцеговина, 4 од Србија, 1 од Хрватска и Сашо Башески како единствен финалист од Македонија. Се избраа 3 победници од кои еден преку СМС пораки, еден победник преку ФБ гласање и еден победник од стручнхото жири. 

– Не’ направи многу горди. Многу сум среќна. Ти благодарам што не’ потсети на едно убаво време кога се пееше не само со грло, туку и со емоции – рече Калиопи при врачување на наградата.

Сонот се исполни

Сашо рече дека победата ни на сон не ја очекувал.

– Сакам да им се заблагодарам на сите, на продукцијата, на овие мои колеги во шоуто кои пред се’ се добри луѓе. Ова нема никогаш да го заборавам. Оваа статуетка и освоеното прво место се заедничка наша награда.

Loading