ЗА ЧИСТЕЊЕТО, И ЧИСТОТАТА

Секое прваче прво што треба да научи е дека, хигиената е половина здравје. Арно тоа треба да знае, но како граѓаните кои немаат 5 или 6 години како да заборавија како треба да се однесуваат. Фрлаат сé и сешто или секаде. Или пак, ЈП Комуналец кое функционира со парите од граѓаните не ја брка работата! Ова е како она, што е постаро кокошката или јајцето, односно кој е виновен, граѓаните или Комуналец? Едно е факт, Прилеп одамна го загуби епитет дека е најчист град? Потфрла ли менаџерскиот тим или граѓаните станаа крајно аздисани? Дали е на висина на задачата во борбата со несовесните граѓани или има ли некаков пропуст во концептот за собирање на градскиот смет?

Дека Прилеп со измиените и исчистени улици, со зелената трева како мек килим, со бујните фонтани и паркови, е длабоко заминат во историјата сведочат секојдневните слики кои се нашето секојдневие. Полни контејнери, уште толку расфрлано губриште околу нив, стар и нефункционален мебел колку сакаш! Трева пожолтена, градската река наместо преплавена со вода, обрасната со базје… Долг е списокот на нефункционалност во одржувањето на комуналната хигиена. И гробиштата, старите и новите, не се ништо поарни. Дека има трева и отпадоци, реагираат и свештените лица.

Реалноста се пресликува и на социјалните мрежи. Таму коментарите се сведуваат од крајност, во крајност. Фрлаат дрва и камења по комуналците, а некои и критички се осврнуваат кон неодговорноста на граѓаните.

Комуналец треба да го чисти отпадот, затоа граѓаните плаќаат сметки кои речиси една година се повисоки за 60 отсто. Колку и како, динамиката треба да ја прилагодат на потребите на прилепчани и новото живеење. Каде се бесплатните трактори за кабаст отпад, како да бидат информирани граѓаните кога медиумите не  се “пријатели” на челниците на локалните институции! А за неодговорните граѓани, постојат и комунални редари.

Познавачите на состојбата во комуналното претпријатие велат дека како што е надвор хаос, така е и внатре. Претпријатието се соочувало со недоволен број извршители на работните активности планирани надвор од канцелариите. А тие внатре, немале столче каде да седат. Од друга страна, и касата била зафатена од “финансиска треска”. Наводно, пари за плати немало.

Професионално, некој ќе рече, а што вели директорот. Е тој директорот вели само едно, немам време, на состанок сум, ќе ве барам. Кога утре, задутре, вчера, никогаш? Или си има човекот мака особено откако завршија парламентарните избори и се испразнија две советнички места. Меѓу “следните” е и тој, да се напушти директорското столче или да се купува време колку може!

Идејата за нова цена на комуналните услуги најверојатно ќе биде дочекана на нож! За почист и поубав Прилеп зборуваме!     

Loading