Врвен скок на струмичкиот театар со “Црна дупка”

Заврши 58. МТФ Војдан Чернодрински

Заврши уште еден театарски фестивал – 58. МТФ “Војдан Чернодрински”. Доделени наградите – најмногу за претставата “Иванов” на МНТ. Сепак наградата за уметничко остварување на претстава во целина на годинашниот 58.МТФ “Војдан Чернодрински” е доделена на претставата “Црна дупка” од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски на ансамблот на театарот “Антон Панов” од Струмица. Оваа награда струмичкиот театар ја доби во годината кога одбележува 75 години и дури 45 години од последната награда. Специјалното признание за колективна актерска игра отиде кај ансамблот на претставата “На дното” од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од битолскиот театар. Според жири комисијата во состав Марина Миливојевиќ – Маѓаров – претседател, Марина Катниќ – Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, претставата “Црна дупка” на струмичкиот театар била хармонична, со вооедначен однос на сите елементи во структурата.

– Играа со полно срце, одлучно покажаа дека ја сакаат претставата. Играа дело посветено на авторот во фокус, што го имавме во предвид кога одлучувавме. Претставата е заокружена со јасен концепт – рече Маѓаров.

– Претставата како театарски човек, како актер, е посебено, автентично доживување. Сјајни улоги, одлична музика, сценографија – рече Варја Ѓукиќ.

Наградата за режија и е доделена на Зоја Бузалковска за претставата “Иванов” – МНТ. Во истата претстава награда за главна женска улога доби Дарја Ризова за улогата на Саша.  Наградата за млад актер “Трајко Чоревски” ја доби Григор Јовановски за улогата на Љвов, Евгениј Константинович во “Иванов” – МНТ, а за најдобра млада актерка Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа во “Едвард Втори” на велешкиот театар и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив. Наградата за машка улога Васил Михаил за улогата на Силјан во “Црна дупка” на струмичкиот театар. Наградата за женска епизодна улога отиде во рацете на Анкица Бенинова во претставата “Црна Дупка” на струмичкиот театар,  наградата за споредна машка улога “Димче Трајковски” ја доби Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев, Павел Кирилич  во „Иванов”- МНТ.

Наградата за рекламен материјал отиде во рацете на Зоран Кардула за рекламниот материјал на „Иванов” на МНТ. Наградата за кореографија и сценски движења ја доби Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа, и Нина Деан за кореографијата и сценските движења во претставата „Иванов” на МНТ.

Наградата за музика ја доби Ристо Вртев за музиката во претставата „Дупло дно” на прилепскиот театар, наградата за костимографија Симон Мачабели и Раде Василев за костимите во “Едвард Втори” на велешкиот театар во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија. Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска ја добиваат наградата за сценографија во претставата „Иванов” на МНТ,  додека наградата за современа сценска драматизација замина кај колективот на претставата „Франкенштајн” на Театар за деца и младинци – Скопје.

Наградата за современ драмски текст не се додели.

Фестивалот обединет во “Нов концепт” понуди 11 театарски претстави во официјалната програма и шест во придружната, многу промоции на театарска литература, разговори на тркалезната маса… детска зона, работилници за деца, скомрахи.

Беше промовирана и фондацијата и наградата “Горан Стефановски”, преку која ќе се стимулира македонското драмско творештво, како и документарниот филм “Траги”, посветен на големиот македонски драмски автор.

Loading