ПРВИОТ СОБИР Е В СРЕДА

Фудбал: Победа

Како што се очекуваше, одморот за второлигашот Победа ќе биде точно еден месец, од 3 јуни до 3 јули. Според тоа, првиот собир на Градскиот стадион “Гоце Делчев” е в среда, на 3 јули. Тогаш почнува работата на Стручниот штаб (Јане Николоски, Стојанче Дунимаглоски и Жарко Димески) со фудбалерите. Се предвидува првиот дел од тренажниот процес да се одвива во градов, а потоа да се замине во Банско, Бугарија, доколку се обезбедат финансии.

Што се однесува до играчкиот кадар, се комуницира со неколку потенцијални засилувања, Ова “неколку” значи дека потребата е само од три-четворица нови, затоа што постои вербата во досегашните играчи на кои им успеа да опстанат во втората лига. Тие три-четири засилувања, со кои се смета дека ќе се подигне нивото на игра, се очекува да се обезбедат по контактите со прволигашки клубови. Се работи за договор за отстапување играчи кои се квалитетни за второлигашкиот ранг, а моментно не можат да изборат место во нивните прволигашки екипи.

Иако Победа тешко, низ бараж-меч се спаси од отпаѓањето, сепак има голем интерес од други клубови за нејзините истакнати фудбалери. Не е неочекувано, оти се млади талентирани играчи кои низ макотрпна работа добиваат искуство и имаат можност за напредок. Во прилепскиот клуб прават напори да ги задржат сите. Досега само страничниот играч, 20-годишниот Христијан Поп-Антоски, се смета за заминат, а уште нема објава во кој клуб. Пред една година беше член на Македонија ЃП од Скопје.

Во Победа се надеваат на поголем клупски буџет од лани.

Loading