ПО ВЕК, ЗА НАВЕК ЗАЕДНО ЗА ДУХОВНОТО СВЕТИЛИШТЕ

Во црквата Света Петка ќе се одржи хуманитарен концерт за доизградба

Откако по еден век се изгради новата црква во Точила, продолжува доуредувањето. Спроти големиот празник Иванден, на 6 јули (сабота)  во 20:30 ч. ќе се одржи хуманитарниот концерт “Од векови за векови”. На платото пред храмот, ќе настапат мултиинструменталистот проф. д-р Драган Даутовски, заедно со перкусионистот Ратко Даутоски и вокалната дива, проф. д-р Андријана Јаневска. Благородната иницијатива е на протоерејот Љупче Петрески и Мендо Ташкоски, професорот од музичкото училиште. Влезот за концертот е слободен. Г граѓаните ќе може да донаираат во  кутии или со уплата на  сметката на храмот 500-000000887189. Собраните пари ќе се искористат за да се доизгради и уреди црквата посветена на Света Петка. Храмот е посветен на трагичниот настан на Карпалак, кога на 8 август 2001 во заседа од албанските терористите беа убиени 10 бранители од Прилеп. По седум години, беше осветен камен – темелникот, а црквата две децении се гради со донаторски акции. Планирана е административна зграда со голема сала, со катче, центар за промоција на манастирскиот туризам. Треба да се направи и мини кујна, целосно да се огради храмот и да се уреди паркинг просторот.

– Присуството и поддршката се од неизмерно значење за успешно одржување на настанот, за напредокот на нашата заедница и на оваа, за сите нас, значајна и па затоа ги покануваме сите да се придружат заедно да создадеме прекрасна вечер во име на заедничката цел, доизградба на нашиот храм. Од името на свештениците, одборот и вработените, им се заблагодарувам на сите кои несебично помогнале во полза на храмот и неговото велелепие. Поддршка имам и од тимот на одборници и вработени во храмот заедно со ѓаконот Кирил Данев – вели протоереј Љупче Петрески, старешина на храмот Св. Петка.

Досега, покрај црковната зграда ставен е темел за ограден ѕид од кој еден дел, пред црквата е подигнат. Просторот е хортикултурно уреден со полуавтоматски систем за наводнување и важи за најубавиот цветен двор во Прилеп.

– Годинава го завршивме новиот објект наменет за свеќопродавница, изграден во ист ракопис како и храмот и изработен од архитектот Бранко Нешкоски. Во голем процент изграден од донации на верните прилепчани. Се монтираше и уникатна порта на главниот влез. Во дворот има распоредено повеќе од десетина клупи, кои во вечерните часови се редовно полни со родители, баби, дедовци, мноштво деца. Паркинг просторот се посла со гребен асфалт како времено решение додека не се реши административната зграда. Потоа сме во план трајно да го уредиме паркингот. Моментно се работи на надворешното осветлување на храмот. Голем дел од рефлекторите, повеќе од 20, се прегорени, односно вон функција. За претстојниот концерт црквата и камбанаријата ќе бидат осветлени како што беа пред десетина години. Пред неколку месеци се намести нов уникатен полиелеј во храмот, изработен специјално за нашата црква. Набавивме камен за да се продолжи градбата на оградниот ѕид. Имаме најава и за поголема донација со која на поголем дел од истиот ќе се постави и металниот дел од оградата кој ќе биде како и портата – објаснува протоереј Љупче Петрески.

Планираат уредениот двор и озвучувањето кое го имаат да се користат за одржување на духовни и културно – уметнички настани. Настап на уметници од прилепското поднебје и одржување на натпревар во хорско пеење.

– Целта е храмот да се стави на мапата на локации каде ќе се одржуваат духовни и културно – уметнички настани, каде ќе се промовираат духовни, морални семејни вредности, патем да се соберат и донации од секогаш дарежливите прилепчани и општествено одговорни компании чии донации не изостанале низ годините – вели протоереј Петрески.

За посетителите на хуманитарниот концерт пред Иванден, ќе има поставено и приближно 200 столици во дворот.

Иконостасот стилски потсетува на средновековните

Црквата е посветена во чест на Преподобната маченичка Параскева – Петка Римјанка, чиј спомен Православната Црква го слави на 8 август според новиот стил. Конструктивно, црквата е комбинација на современ историјат. Камбанаријата е проектирана и изградена во истиот стил, како и храм. Иконостасот во црквата е изработен од најквалитетен бел прилепски мермер, а стилски потсетува на средновековните црковни иконостаси, пишува на сајтот Олд Прилеп.

Кафе, ручек, ракомет и театар за црквата

Низа донаторски настани се одржаа за собирање на средства за изградба на црквата Св. Петка во Точила. Прилепчани донираа на богојавлески и велигденски ручеци, пиеја саботно кафе и чај. Се одржуваа музичко – хуманитарни хепенинзи, хуманитарни театарски претстави и спортски настани.

Loading