ЕПИЛОГ НА НЕДЕЛНАТА УМЕТНИЧКА МАГИЈА

Се спушта завесата на 58.МТФ Војдан Чернодрински

Со доделувањето на наградите за најдобра претстава во целина, режисер, најдобри актери, за сценографија, костимографија, музика… и со концертот на Добрила и Дориан дуо, вечерва во ЦК “Марко Цепенков” завршува 58 издание на МТФ “Војдан Чернодрински”, кое годинава беше под мотото “Промени се, промени се”.

Фестивалот обединет во “Нов концепт”, понуди 11 театарски претстави во официјална програма и шест во придружната, многу промоции на театарска литература, разговори на тркалезната маса… детска зона, работилници за деца, скомрахи. Градот беше театар според замислата на уметничкиот директор д-р Ана Стојаноска.

Дел од претставите оставија впечаток, дел не, но во суштината фестивалот беше пресек на креациите на театрите во земјата. Особено импресивни беа изведбите на “Дупло дно” во режија на Наташа Поплавска на театарот “Војдан Чернодрински” и на претставата “На дното” од битолскиот театар и “Ало, ало” на Театар комедија од Скопје.

Беше промовирана фондацијата и наградата “Горан Стефановски”, преку која ќе се стимулира македонското драмско творештво, како и документарниот филм “Траги”, посветен на големиот македонски драмски автор.

Loading