ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 35

Сењора Изабел

Четврток 30 октомври 2003 година, во својата пространа куќа во Веракруз, во Соединетите Мексикански Држави, малку предпладнето сењора Изабел ја остави на масичката покрај фотелјата книгата на македонски јазик, што дотогаш ја читаше, па се задлабочи во мисли. Изабела беше седокоса жена на 61 годишна возраст. Управуваше со железна рака со имотот составен главно од ниви со тутун, шејкерна трска и нешто кафе. Останата вдовица пред близу 30 години, без деца, сама ја продолжи работата од својот покоен сопруг Дарон. Го зголеми имотот, но нејзината љубов за починатиот продолжи да живее, та не се премажи. Во мислите отпатува во минатото. Ветриштата на печалбата ги донесоа со Дарона во Мексико, или Мехико, земја од близу два милиони квадратни километри и преку 100 милиони жители. Без грош во џебот, прво се населија во Тампико на Мексиканскиот Залив каде, немајќи во моментот друга алтернатива, сопругот се вработи во пристаништето. Благодарејќи на својата диплома по историја, таа успеа да добие место во еден археолошки музеј. Кога заштедија извесна сума пари, се преселија во федералната држава Веракруз, во главниот и истоимен град кој е најголемото пристаниште на Мексико. Дарон, кој уште од Македонија кај родителите се запознал со одгледувањето тутун, почна да се занимава со таа култура. Подоцна купија земј. Го проширија интересирањето на кафето и шеќерната трска. Во текот на годините, со работа и лишувања, станаа имотливи земјопоседници. И кога мислеа дека најпосле “Сонце им изгреа од Запад”, овој македонски израз не се исполни до крајот. Дарон падна болен и почина.

Текот на мислите и го прекина појавувањето на една црвена топка од светлина во големата соба со библиотека во куќата. Малку помала од фудбалска топка, “светлината” без никаков шум почна да лета полека низ историјата, следена од погледот на Изабела седната неподвижно во фотелјата. Сењора Изабел, како што ја викаа газдарицата нејзините работници, не беше плашлива жена. Освен управувањето со имотот, таа се оддала во голем дел од времето со кое располагаше на својата пасија на историчарка. Со џипот патуваше да посети, да проучува предколумбиски археолошки ископини, ги учеше јазиците на Ацтеките и на Маите. Спиеше понекогаш во колата со пушка и револвер до неа. Работниците, иако не беше лоша, туку само строга, но праведлива, сите í “стоеа сус”. Ја почитуваа како да беше маж, а не жена. Гледајќи го необичниот феномен ненадејно појавен во библиотеката, се прашаше во себе што е таа летачка топка што зрачеше студена црвена светлина? Сферата се упати кон отворениот прозорец. Летна надвор и исчезна. Веднаш потоа на средината од просторијата се појави нешто како “вертикална растреперена вода”. Згасна и се претвори во вертикално исправена елипсовидна леќа во која стоеше женска силуета, па леќата одеднаш исчезна како кога се изгасне електрична лампа и остана да стои жената која беше во неа. Оваа веднаш и се обрати на сењора Изабел:

– Без паника! Не сум привидение, нити друго фантастично суштество. Ќе ви објаснам.

После кратко молчење, Изабела спокојно реагира:

– Не ме фати паника, дури и не сум многу импресионирана. Седнете и објаснете (со раката и покажа на “гостинката” една од фотелјите купени во САД, во Чикаго, пред неколку години).

Пред да седне, жената недлабоко се поклони:

– Се викам Инес или, поточно, тоа е името што овде го употребувам, во вашево време.

– А јас сум Изабел, едноставно се претстави Изабела.

Домаќинката зачека посетителката да зазборува и во тој интервал време ја проучуваше: стара околу 30 години, убавка, со куса црна коса и големи зелени очи. Се чинеше зрачи светлина со смарагдна боја. Спортски облечена со џинс панталони и џакет, кошула од сличен тип на средно големите млади гради, обуена со платнени високи чевли за прошетки пеш, Инес изгледаше на американска туристка на одмор во Мексико, иако Изабела не беше сигурна дека американските посетителки токмо така се облечени. Со својот неопределен малку туѓ акцент при зборувањето на мексиканско-шпанскиот јазик, Инес објасни:

(продолжува)

Loading