ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 26

Топењето на снеговите дојде со детонациите на мразот што се распукнуваше во блиската река, и си одеше заедно со нејзините води. И олуците чукаа под покривите, од каде истекуваа снежните ѕвезди претворени во безбојна течност.  Со Марион отидовме во градината. Да, епидоптерот беше уште таму!

Земјата презаситена со вода почна “да чади”. Ние, пак, ги засукавме ракавите. Потребно беше да ги исчистиме стаклата од ателјето за да влегува повеќе денска светлина внатре до нашите книги и до приколката. Освен тоа, требаше да се извршат и други пролетни чистења. Секој ден, повеќе пати му одевме на посета на епидоптерот, кој почна брзо да расти. Овошните дрвја почнаа да се облекуваат во зелено. Се расцутија. Праската со црвени цветови, кајсијата, дуњата, а и багремот пред куќата исто така. Ја копавме бавчата и се спремавме да насадиме салати, компири, магдонос… На вечер со Марион, двајцата без работа, ги броевме парите што ни остануваа и си поставувавме загрижувачки прашања за нашата иднина. Што се однесува до син ни, тој беше далеку, на отслужување на воениот рок.

Не знам дали беше уште пролет, или веќе лето, како и да е, еднаш се разбудив средноќ и без да правам шум, за да не ја разбудам Марион. Отидов “на визита” кај епидоптерот. Веќе беше висок два метри. Неговите три листа и стеблото беа станати многу јаки, а големиот бел кожурец изгледаше како да спие во лулката од листот свиткан околу него. Растението, како и обично  ноќе, беше опколено со слаба светлина, што се чинеше дека зрачи од него. Седнав на столица што се здиплува. Запалив цигара и долго време го набљудував епидоптерот што со жена го засакавме како да беше член на фамилијата, за кого никому ништо немавме кажано. И Марион, која се разбудила, дојде до мене. Раздипли друга столица и седна.

– Се случува ли нешто?, ме праша.

– Не, уште ништо, одговорив.

Ама не, или, поточно, да, нешто се случуваше! Неколку тивки потпукнувања и зелениот крај на нешто се загледа во нас од отворот што се појави на делот од кожурецот што надминуваше надвор од здиплениот лист. Една зелена гасеница излезе од кожурецот и, како да се лепеше на површнините, полека слезе до земјата. Оттаму, осветлена од блесокот на растението зеленикаво – црвено бакрено, гасеницата ја дигна првата третина од своето тело и двете темни странични зони на нејзината “глава”, што личеа на очи под кожата, се гледаа еден по другиот во Марион и во мене. Гасеницата беше целата зелена, долга приближно 20 сантиметри и дебела како средно голем човечки прст. Спокојно се раздвижи и, следена од нас, отиде право во ателјето – работилница. Запре до изгаснатата печка и изгледаше дека заспа на земјата, покрај светлината од нашата џебна електрична ламба.

Почнувајќи од таа ноќ ја извикавме гасеницата Епидоптер. Како некое љубопитно и разбрано животно Епидоптер не следеше насекаде во дворот  и во бавчата, и не набљудуваше како работиме. Понекогаш и зборувавме пријателски и таа се чинеше дека слуша, како да разбира што и велиме. Еднаш дневно одеше во бавчата-градина и го јадеше своето “родно растение”, почнувајќи од врвот. Се јадеше, горниот лист, стеблото, листот “лулка” и кожурецот.

 (продолжува)

Loading