ПРИЛЕПСКА ПРОЛЕТ

Додека во сегашно време на ТВ гледаме како паѓаат режими во светот пред народните маси, прилепчани биле 60 години пред нив.

Уште во кралска Југославија, во неразвиениот демократски политички систем, ја покажувале дарбата за мајтап и сеирџилак. Знаеле и да го тресат режимот. На власт била владејачката фамилија Караѓорѓевиќ, а во т.н. уставна монархија, немало место за Македонци – избраници за во Скупштината. Лулавата држава, поминувала од една во друга криза, де политичка, де економска, а главниот збор секогаш го имале српските пратеници (посланици). Не биле ретки атентатите и убиствата меѓу хрватските и српските пратеници, на сред бел ден пред Скупштината во Белград.

Прилепскиот народ од тогашната Вардарска бановина, во 1938 година решил да ги земе работите во свои раце. Со транспаренти “Гласајте за мене да си направам уште една куќа” и слични, низ сатира го покажувале трулиот изборен систем и лакомоста на пратениците. Ваквите собири, колку и да биле спонтани, покажуваат нишка на сплотеност во идеалите и непокорност кон секоја ненародна власт, вредност што го краси Прилеп отсекогаш.

Старата фотографија ја отсликува состојбата на таканаречената прилепска пролет. И денес, сме на работ на прилепски процут. И календарски, и политички. Се наоѓаме пред двојни избори, за претседател на државата и за избор на пратеници. За разлика од пред повеќе од половина век кога оние кои се кандидирале, а и оние кои избирале, морале да користат транспаренти и испишани пораки на хартија, закачени на дрвен стап, сега на прилепчани им се достапни финансиски податоци, видеа, електронски пораки и ветувања. Многу лесно, благодарение на социјалните мрежи, може да дојдат до информации за и против, пласирани од спротивничкиот табор. Со напредокот на технологијата и законските обврски за транспарентност и отчетност на институциите, доста податоци искажани низ бројки кои се факти им се достапни на граѓаните. Само треба малку поголема умешност и компјутерска вештина да се дојде до нив. Не треба рекла-казала, кој што има и поседува доколку е јавна личност, туку може да се најдат имотните листови на веб сајтот на Комисијата за спречување на корупцијата. Каков имот имаат директорите на училиштата, какви куќи и станови, автомобили, парични средства имаат избраните и именуваните функционери. За тоа каде одат парите од граѓаните и како се трошат покажува бесплатниот сајт Отворени финасии. Плус, секој граѓанин има право да побара одговор од надлежно платено лице во секоја институција за секое прашање од јавен интерес преку формулар за слободен пристап до информациите. Тука се плеткаат работите, оти администрацијата се обидува со различни марифети да ги ескивира одговорите, да ги заташка или да ги разводни непрезино, или да го оддолжи рокот од 15 дена само да ги скрие податоците. На телефонските центали никој не се јавува, а на електронската пошта ретко кој ќе се охрабри да даде одговор. Затајува и класичната пошта. Писмото се фрла в канта и не се евидентира во архивата, иако е пратено со повратница за прием. ,,Заскитува,, низ административните лавиринти, по што и ,,најумешниот,, истражител не може да го најде. Едноставно, владее страв, коски се тресат од изнесените податоци кои се од јавен интерес.  

Глобалната мрежа на податоци ги чува ветувањата на политичарите. Со изјавите зачувани на јутуб лесно се наоѓа кој што ветувал, а тоа што направил се гледа окативно. Не му требаат на народот собири и транспаренти. Можеби систематизирани податоци кои ќе им ја надоплнат или  зајакнат одлуката.

Изборната кампања треба да биде фер и демократска. Без говор на омраза и навреди кои го засегаат личниот интегритет.

Но, старите рекле, кога почнува битката, никогаш не го потценувај противникот. Тивка и мирна прилепска пролет, или бура и дожд, ќе покаже времето. 

Loading