ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 23

Паѓаше ситен септемвриски дожд, меланхоличен и монотон. Влагата светеше под јавното осветление во градот, опустен во доцниот час.

Но, што му беа важни нему дождот, есента, смртта што цветаше преку голотијата од дрвјата кога тој е млад, силен, полн со здравје! Кога во неговото тело вибрираат звуците на пролетта!

Кога пристигна на станицата, ја консултира продавачот на билети за тргнувањето на возовите. Ќе треба да чека повеќе од два саати. Не е важно, има време, тој има многу време!

Дремливиот службеник на шалтерот му ја подаде возната карта за  една насока, одење, и гледајќи за каде ќе патува, искоментира со засипнат глас:

– Ах, Југ, одите ли на одмор?

– Да, толку одамна не сум зел одмор.

– Имате среќа, – рече службеникот на железницата, – дождов навистина ни го поткопува моралот.

Со чантата обесена на раката, Манол излезе на перонот. Лево, десно челичен пат се протегаше далеку, кон четирите главни страни, кон Југ, кон пролетта, кон бескрајот.

По неколку дена, не гледајќи го повеќе, настојникот на станбената зграда, или, пак, бакалот, ќе í телефонираат на полицијата. Ќе дојдат со клучар кој ќе ја отвори вратата од собата во која живееше под кирија. На масата ставено видливо, потисната со притискач за хартија, ќе ја најдат белешката што ја напиша пред малку и преку која соопштува дека отишол кај пријатели и нема повеќе да се врати. Парите оставени до белешката се да се платат трошоците после неговото заминување. Неговите скромни работи можат да бидат ликвидирани, разделени на сиромашни. Се откажува од месечните примања на својата пензија и моли да го остават на мир.

Ќе донесат заклучок дека е во прашање типично бекство или самоубиство на старец. Ќе се очекува можеби да биде пронајден по некој ден како талка полусвесен по улиците на градот или на друго место. Тој или неговиот труп.

Ама ништо нема да биде најдено, никаква трага од стариот осаменик. На крајот, неговото исчезнување ќе биде класирано во архивите, заборавено. Толку многу луѓе исчезнуваат катаден на светов. Кој би се грижел уште за некаков старец влезен веќе со едната нога во гробот? Некој сиромав старец без фамилија…

Манол влезе и речиси веднаш излезе од чекалната. Некој патник, седнат на една од клупите, очекувајќи го својот воз, ги отвори очите и му рече на соседот:

– Мириса.

– Што?, праша другиот сонлив.

– Не знам, некаква чудна миризба…

– Ништо не осетувам.

– Да, навистина, не мириса повеќе.

На темносивиот бетон од перонот Манол шеткаше и потпевнуваше со тивок глас некоја песна, одамна заборавена. Наскоро возот ќе пристигне и ќе го однеси со своите железни крилја далеку, кон зеленото кадифе на пролетта и кон златните снопови на летото.

 (продолжува)

Loading