50 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА НИЗ ТРИ ГЕНЕРАЦИИ

Пекарница Џулијано

Богатата историја на пекарницата Џулијано на семејната лоза Дамески  почнува пред три генерации, за денес постојано да се проширува.

Основач е Милан, па синот Пеце, за сега и внукот Милан да ги “брцнува” рацете во “тестото” со брат му Давид. Заедно ја менаџираат компанијата. Произведуваат бурек и бели печива, киснати кроасани, благи и солени, пици, зелници, крофни по германски рецепт, переци со биено сирење, варени гевреци и што ли уште не.

Сé е вткаено во 50 години труд. Успехот го носи генот. И тајните пренесувани од колено на колено. Семејниот бизнис да опстои половина век можно е единствено кога секој член од стеблото, ќе ги засука ракавите и ќе погледне во занаетот на својот татко со кој го одгледал и ќе застане до него. За да не му горчи залакот, туку напротив, секој успех да му е алал на душата.

Три генерации, секој дал придонес да се оплодува и зголемува капиталот.

Будат емоции спомените кој ги носи Пеце Дамески за тоа како баба му, сефте дома на синија го учела да го чалдисува тестото, како татко му Милан сакал син му да биде факултетлија, наместо бурекџија. 

И кога нештото се сака од срце, пекарскиот занает станува песна, а задоволните муштерии награда за успехот.

На мајсторилакот на Милан се сладеле во Варшава, во Полска. Пеце работел во Швајцарија. Уште го бараат. Остануваат понудите за странство, но Пеце останува во Прилеп  да биде ветер во грбот на своите наследници.

Воведуваат постојано нова палета на производи. Сите производи се печат веднаш и тука.

Освен на добро позната локација во срцето на прилепската чаршија кај фонтаната Итар Пејо, дејноста ја проширија на улицата “Марксова”, во Точила, новиот модерн објект до болницата, спроти ОУ “Кире Гаврилоски и кај Економското училиште.

Верните муштерии се сведок на сите генерации, а и на сите следни.

Loading