ОД ПРОВАЛИЈА ДО ВРБОВА ГРАДИНА

Врбеско маало

Прилеп од дамнина е познат и по маалата со ориентални особености. Од повеќето градски, едно од маалата отскокнува по мајтапот и смеата. Тоа е Врбеско маало, во близина на театарот. И на променливото време, дише во секојдневниот животен такт, кој ги навасал маалците. Иако се пресечени дел од врбите, по кои го добило и името, се задржува пулсот на автентичност. Преживеаните врбјаци во април пуштаат фиданки. Изгледаат скромно, но му даваат драж на просторот. Маалските деца уживаат низ паркчето пролетно и летно време. Играат криенка зад стеблата на старите врби. Под дрвјата, кои зимава ја “соблекле зелената руба”, уште се слуша црцорот на птиците, додека паркот е скришно место за првите бакнежи на тинејџерите.

Маалците се сеќаваат дека местото некогаш било провалија. По наредба некој “големец” се носела земја од кај болницата. На исполнетата дупка, се посадиле врби и топола. Се одржувало со со засадени цвеќиња. Не му било тешко да се грижи за “колективното” катче за собир не само на маалците.

Се раскажува за радоста на Ѓурѓовден. Некој Киро ги нишал жените на нишалка. Девојките се кикотеле, собирајќи ги нозете, зашто им се виореле здолништата, молејќи го да ги лула пополека од срам од  машките очи. Потоа Киро ги “вагал” на кантар, благословувајќи ги в година да се повесели, понасмеани, а на мажите, кои стоеле и немо ја гледале забавата, и да им бидат порадосни.

Во близина на Врбеско маало, била и улицата “Мртовечко сокаче”. Во 60-тите години ја нарекувале “Булевар на смртта”, наречена по филмот “Булевар на самракот”. Луѓето велеле дека ако по неа не поминеш жив, ќе те прошетаат кога ќе умреш. Децата босоноги трчале по поворката да дознаат кој умрел. Бучна улица со “татнеж” на  детски џагор, ѕунела смеата и веселбите.

Loading