МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА – ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ 15       

– А, тоа е друга работа, Ангуше. Ме интересира, ако не бев вака убава, кога заѕвонив на вратата од станов дали ќе ме примеше како што ме прими?

– Ќе те примев, како и што имам примано, дури и грди жени во моите прегратки, оти имале други квалитети, интелектуални, на пример, а, освен тоа, мислам дека секому треба да му се даде шанса да доживее нешто убаво во животот. Признавам дека ако не беше убава каква што си, задоволството ќе ми беше помало.

– Зошто?

– Ќе ти одговорам со цитат од некој, не знам повеќе кој, што го рекол следново: “Убавината ќе го спаси светов”. Дали овој одговор ти конвенира, девојко?

– Ми конвенира.

Изутрините, деновите, вечерите и ноќите минеа како во сон. Со мистериозната гостинка Ангуш дискутираше на различни теми, потоа сериозноста ќе ја оставеа на страна, почнуваа да се смеат, да се бркаат низ станот, да танцуваат со музика од касети или од радиото. Или, пак, излегуваа со лесни платнени непробојни за влага чизми. Долго шетаа низ улиците, се запираа пред излозите ги коментираа артиклите, дури еднаш и “се степаа” како деца со снежни топки. Нивните специјални зимски чизми, покрај лесниот материјал, им држеа топло. Елегантното зимско палто од гостинката се чинеше дека е сосема непродирно за студот, иако таа под него беше облечена како во среде лето. Но, Ангуш не успеа да добие никаква информација, ниту како се вика, ниту од каде е, што работи… Апсолутно ништо. Еднаш, инсистираше да му довери нешто, девојката се загледа со извесна тага во неговиот поглед полн со очекување и го праша:

– Што сакаш да знаеш за мене, вистината или да те лажам?

– Сакам да ја дознаам вистината.

– Немам право да ти ја кажам вистината. Можам само да те лажам, а тоа не сакам да го правам. Затоа те молам:не настојувај. Штета би било да ги извалкаме овие наши убави моменти со приказни.

Еден ден, после вечерата, излегоа да се прошетаат фатени рака за рака или со рацете префрлени преку половината. Кога се најдоа на една голема широка улица, која како да се губеше далеку во бескрајот, девојката запре и му рече:

– Сега треба да си одам.

Ангуш не разбра што сака да му рече:

– Да си одиш? Каде сакаш да одиме?

– Нема да одиме во иста насока. Ти ќе се вратиш кај тебе дома, а јас ќе одам каде што треба да одам.

– Зошто?Да не те навредив без да сакам?

– Нништо не си ме навредил. Секогаш ќе мислам на тебе, ама сега времето сврши, треба да се разделиме за секогаш.

– Кое, какво време сврши? Не разбирам зошто сакаш да си одиш одеднаш. Што ќе правам без тебе, сам?

– Нема да бидеш сам. Ќе имаш големо друштво од сите оние настани и личности што живеат на листовите што ги исполнуваш со твојата машина за пишување. Немој да ме измачуваш со прашања. Немам право да ти кажам, освен едно. Овде, – се удри со раката во нараквица повеќе пати по мевот, – носам со мене твоја семка. Така еден дел од тебе ќе живее некаде со мене и вечно ќе ме потсетува на тебе.

Го прегрна, нежно го бакна, нешто како нем липот и помина по телото, му ги стегна со своите двете раце и почна да се оддалечува. Ангуш сакаше да оди по неа, да ја прашува, да ја помоли да остане со него, макар уште неколку дена, но не мрдна од местото. Во него нешто јасно му шепотеше дека ништо не е можно да се направи да се спречи разделбата, и дека девојката е исто толку тажна и несреќна заради нивната разделба, колку и тој. Подвикна:

– Чупе без име, дали ќе се вратиш, дали ќе се видиме пак?

Девојката се сврти кон него и низ големите снегулки што пак почнаа бесшумно да паѓаат, му одговори:

– Не верувам, никогаш нема пак да се видиме. Збогум, Ангуш!

продолжува

Loading