БРОЈНИ ПРОПУСТИ

Ревизија во локалната самоуправа

Државниот завод за ревизија ги соопшти наодите од неколкумесечната ревизија на работењето на локалната самоуправа лани. Констатирани се неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива на сметките на основен буџет 630 и 637.

Отсуствува граѓанското учество при креирање и реализирање на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а советот на општината усвојува буџет за кој нема програми за активностите кои се во надлежност на општината. Во буџетот на општината не се уплатени 447.154 евра од надоместоци за одржување на јавна чистота и урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а за побарувањата кои се евидентирани во износ од 263.626 евра не постои законски основа за наплата, оти должниците веќе не постојат.

Материјалните средства во подготовка не се соодветно сметководствено евидентирани, не е обезбедена заштита на општинскиот имот. Констатирани се неправилности во извршување на пописот на средствата и обврските. По основ на субвенционирање на ЈКП Комуналец се исплатени 1.028.276 евра без целосна документација за обемот на активности од годишниот план на претпријатието. Исплатата на 219.869 евра на спортски клубови, здруженија  на  граѓани,  фондации, талентирани  ученици  и социјални бенефиции, е без програми, а корисниците не доставуваат извештај за потрошените средства и не се објавени на веб страната на општината. Субвенционирањето на месечни трошоци за вода 45.587 евра на социјално ранлива група на граѓани се врши без контрола на статусот на корисниците на субвенција, што дава можност да се субвенционираат корисници кои немаат статус на ранлива категорија. Не се утврдени прецизни критериуми за еднократната парична помош за егзистенцијални потреби и за лекување, која ја доделува градоначалникот на предлог на Комисијата за финансирање и буџет при Советот на општината. При изведување на градежните работи кои се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта и улици и примарна и секундарна канализациона мрежа Општината не обезбедила соодветна законска документација за градбите во кои инвеститор е Општината. Затоа завршените градби во висина од 1.153.577 евра, иако се ставени во употреба, знема завршен извештај и технички прием. 

За реконструкцијата и доградбата на мост на градска река на улицата “Трајко Николоски”, Општината, како инвеститор, платила 554.846 евра и мостот е пуштен во употреба без обезбедена комплетната изведбена документација, што претставува ризик за безбедноста на корисниците на сообраќајниците кој ги поврзува мостот.

За изградбата на училиштето вонаселбата Сточен пазар, Општината платила 111.398 евра. По завршување на градбата, општината не го презела, ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект. Затоа објектот е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен пазар и Жабени, се без училишна зграда.

За вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места привремено ангажирани биле 41 лице, за кои платени се 236.894 евра, а 10 од нив, биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ова укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лицата, повластена положба во постапката и непостојаност на кадарот за извршување на работни задачи во Општината.

По склучени договори за услуги за поправки и одржување на јавно осветлување, реконструкција и изградба на улици, патишта, тротоари и пешачки патеки и изградба на детска градинка, платени се 834.358 евра. На ревизијата не í се презентирани документи за расходите (целокупна проектна документација, налози за работа, одобренија за градба).

Градбата на градинката во Точила, се реализира како тригодишна капитална инвестиција. По спроведена јавна набавка, склучен е договор 2.166.943 евра, со рок на изведба не подолг од 7 месеци од воведување во работа на инвеститорот. По започнување на изведбата, изведувачот го известува инвеститорот за неусогласености на предвидените позиции во проектот со предмер пресметката со која се испуштени неопходни елементи за подна плоча прикажани во фазата архитектура и градежно конструктивен проект. Завршната ситуација не е одобрена од Општинатс како инвеститор, од причина што вредноста на договорот е надмината за околу 170 000 евра, за која не е склучен анекс на договорот. Несоодветно изработената предмер пресметка и неусогласеноста со проектната документација влијае на реализација на градбата и доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на почнатата инвестиција.

За утврдените состојби ревизијата даде препораки за надминување на утврдените состојби.

Loading