ПОДГОТОВКИТЕ ДА ЗАПОЧНАТ ВЕДНАШ

Заврши 20 – тата пивска фешта

Математички, манифестацијата посветена на дегустацијата на пиво и мезењето на далеку позната вкусна прилепска скара влегува во третата деценија. Доколку сакаме да ја биде и има, подготовките за 21.то издание треба да почнат веднаш, односно уште утре. Сеедно е дали ќе биде Пиво фест или како годинава преименуван во Пивски викенд, организаторите кои и да се, во соработка со локалните власти да се зафатат за работа. Со осмислен концепт, со визија, со почитување на процедурите, да се посветат и продолжат да го градат синонимот по кој градот под Марковите кули беше познат, дека во јули, викендот после Петровден, во Прилеп се оди на пиво и скара на луда журка со звучни музички имиња. Локацијата е прашање на избор, а изборот на забавувачите да се договорат што поскоро и да се бруи да се “удрат камбаните” и да се кажува кој ќе пее на пивската фешта уште во јануари.

Како и да е, со задоцнување, под ново име, со помал број на штандови, сепак се одржа 20-тото издание. Можеше ли подобро, кои се виновниците доколку ги има, се дискутабилни прашања, но едно е јасно дека манифестацијата ја сакаат, и прилепчани, и гостите од другите градови. Старите велат дека железото се кова дури е жешко, или дајте му на народот забава кога е во криза и сиромаштија. Е па тогаш, сега е вистинско време да се осмисли и направи по мерка фестивал на пивото и скарата.

Инаку, годинава јубилејот го организираше „Евент гроуп”. Настапија македонски и балкански музички ѕвезди. Миле Кузманоски, Ламбе Алабакоски, Тијана М и „Тропико бенд, Ареа”, групата „Хурикан”, „Пајак”, „ДНК”, Бојана Скендеровски, Наум Петрески и Аца Лукас за финишот на фештата.

Loading