НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА – ЕДИНСТВЕНА АЛТЕРНАТИВА

Алил Џафероски – прилепски пратеник од првиот македонски повеќепартиски парламент

– Со воведувањето на парламентарната демократија  во 1990  год. се одржаа првите повеќепартиски избори во Република Македонија. Бев кадидат за пратеник од тогашната СКМ – Партија за демократска преобразба од регионот на  сегашна  долненска  општина – вели Алил Џафероски, пратеник од првиот македонски повеќепартиски парламент

Според него, изборите во 1990 година минале релативно мирно, како да сме имале долгогодишна традиција.

– Во 1991 година се конституира првиот повеќепартиски парламент. Се избраа претседатели, потпретседатели како и работните тела на Собранието. Почна и распадот на југословенската заедница. Карактеристично беше тоа што се случуваше многу драматично, како народите дотогаш да не биле во заедничка држава, туку се одделувавме  со невидено непријателство, војни разрушувања и крвопролевања од невидени размери. Македонија беше во тешка состојба, бидејќи мораше и требаше да се осамостои без внатрешна дестабилизација и да не влезе во конфликт со тогашната ЈНА. Тоа  беа  бурни и тешки денови за земјата што се создаваше –  се сеќава Џафероски.

Во основа, граѓаните беа сплотени за самостојна и суверена држава.

-Тогашната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ стоеше на  становиште веднаш, со декларација да се прогласи самостојност. Ние бевме, да се оди на референдум и да се донесе Устав, како што е редот. После долги убедувања, отидовме на успешен референдум. Па  го донесовме граѓанскиот устав, како темелен акт на државата. Сето  ова не одеше лесно. Впрочем, граѓаните добро паметат потсетува Џаферсоки

По осамостојувањето најголемиот проблем беше  меѓународната  заедница која требаше да нé признае. 

– Првин нé признаа Бугарија, Турција, Словенија. Требаше да бидеме  примени во Обединети нации. Тука не  спречи Грција, која  го  оспори името, а Еврпската Унија со Лисабонската декларација нé избриша како држава. Требаше да се направи најтешкото, да  се бара компромис за влез во ООН. Со многу мудрост и знаење, успеавме да влеземе во ООН под привремената референца ПЈРМ. После  тоа  беше полесно, бидејќи членството во ООН  отвори фронт за борба внатре – кажува Џафероски.     

Според негом, политичките структури биле порационални, се стремеле со повеќе ентузијазам да ја  градат државата.

-Ова денес што се случува е голема срамота. Со лажен патриотизам и со ветувања, кои никогаш на тој начин нема да се исполнат. Македонија се наоѓа во најдраматичен период во историјата. Затоа треба да се биде рационален и со многу мудрост и знаење. Веќе се дојде до целта. Македонија е име, македонскиот јазик и култура постојат и не се губат со никаков акт. Сé друго е инает и лажен патриотизам. Ова што се случува не ја прави државата перспективна, туку го доведува во прашање нејзиниот опстанок. За Македонија, НАТО и Европската унија се единствена алтернатива – завршува Џафероски.

Loading