СВАДБА ВО ДУБАИ ВО АТЛАНТИС ДЕ ПАЛМ

Нешко и Перјан Сефоски го одврзаа ќесето за синот и снаата

Уште еден внук на познатиот прилепски продавач на семки Сефо, имаше свадба за паметење. Ако пред 15 години, Аднан Сефоски направи веселба за синот на градскиот стадион, неговиот брат Нешко со сопругата Перјан, за синот Севен и невестата Медина, направија гламурозна свадба во Дубаи. На свадбената церемонија која траела четири дена, присуствувале 160 гости, на кои среќните свекор и свекрва им ги платиле, дури и патните трошоци со авион на поканетите. Во елитниот хотел Атлантис де Палм, на веселбата имало од пиле млеко, музика за сите вкусови и раскош без граници.

На свекорот Нешко Сефоски желба му било веселбата за синот Севен кој е роден во Швајцарија, а има прилепски корен и невестата Медина од Швајцарија, свадбата да им ја направи во престижниот хотел во Дубаи каде често престојувале. Речиси една година траеле подготовките за семејната веселба. Се потрудиле гостите да пристигнат со еден авион од Истанбул без да се грижат за резервација на авио билетите.

-Желбата ми беше свадбата за синот да ја направиме во Атлантис де Палм кој е прекрасен хотел и во кој сме минале незаборовни денови на одмор. На сите гости, покрај авионскиот лет им обезбедивме и 4 дневно хотелско сместување. Имавме гости од целиот свет, од Америка, од Швајцарија, од Германија, од Белгија… Сите заедно пристигнаа со еден авион од Истанбул. Неизмерна беше радоста кога ги пречекавме на аеродромот во Дубаи со обезбедени 3 автобуси.  Веселбата ги зближи гостите кои се дружеа и забавуваа четири дена – ја започнува Нешко Сефоски приказната за големата веселба која се одржала на 30 октомври 2021 година.

Раскош, свечена тоалета, избрана музика, специјалитети од храна и многу весела атмосфера ја карактеризира свадбената церемонија. Пред влезот со аперитив ги пречекувале гостите, за потоа веселбата да продолжи во свечената сала чиј простор го исполнувала избрана музика.

– Имаше екстра турска музика, индиски танц, арапска музика, ди џеј. Храната беше по избор и се послужуваше и подготвуваше во друга сала. Имаше сé и сешко, освен пиперки! Алкохолот беше посебно порачуван и чинеше 120 евра по лице за час или за жените 80 евра за час – објаснува Сефоски.

Следниот ден, веселбата продолжила на брод со музика. Со автобусите отишле до марината и се качиле на брод. Сите гости се забавувале, се шателе 5-6 часа.  И следните денови Нешко Сефоски се погрижил да биде добар домаќин и да ги анимира гостите.

– Бевме на кафе во Дубаи мол до највисоката кула на светот, Бурџ Калифа од над 800 метри. Се дружевме, се разонодувавме. Наредниот ден пак, за оние кои сакаа преку агенција имав организирано сафари возење со џипови по пустината – објаснува Сефоски.

Речиси една година траеле подготовките за целата свадба да биде беспрекорна и сите да изгледаат како од холивудски филм.

– Невестата носеше три различни фустани. За пречекување на гостите пред хотелот фустанот беше од Турција. Во салата фустанот што го имаше е од Дубаи изработен по мерка. Внимателно ја избравме и ние нашата гардероба. Сакавме сé да биде совршено – објаснува свекрвата Перјан.

И по две години со многу возбуда раскажуваат за највеселиот ден во животот на родителите кога ќе ја видат челатта во свадбено руво. Им оддолеале и на традиционалните моменти, карактеристични за ромските веселби.

– Ми се исполнија сите желби. Сакавме да биде нешто подруго, покултурно. На пример, немаше лепење пари. Им реков на гостите дека веселбата е за уживање и радост, а не за покажување на тоа кој колку пари има. Некои за да направат свадба мора да подигнат кредит – објаснува Сефоски.

Нешко Сефоски веќе неколку децении живее и работи во Швајцарија, во близина на Цирих.  Сонува да купи куќа на Палма Џумеира во Дубаи.

Прилеп во душата

Ако некогаш доаѓал на одмор и седел во Прилеп еден месец,  летово Нешко Сефоски во родниот град беше само една недела од која неколку дена ги мина на свадба.

– Мојот корен е од Прилеп и од Македонија која не ја забораваме. Но, сега градот не ни е толку интересен, бидејќи речиси сите роднини ни се во Белгија. Во Швајцарија живееме убаво и комфорно. Бизнисот добро оди – обајаснува Сефоски.

Свадба и за внуката во Дубаи

Од љубовта меѓу Севен и Медина се роди ќерка. За внуката, Нешко Сефоски сака да направи свадба во елитниот хотел Бурџ Ал Араб кој има форма на едро.

– Тоа е луксузен хотел со 7 ѕвезди во кој во октомври ќе одиме на одмор заедно со пријателите од Америка. Вреди човек да го почувствува раскошот и удобноста. Сакаме со Перјан, за внуката таму свадба да дочекаме и да направиме – вели Нешко Сефоски.

Колку чинеше свадбата?

Новинарската љубопитност не го пропушти ниту прашањето за тоа колку чинела целата свадбена веселба, но Сефоски го заобиколија одговорот.

-Не е важно колку чинеше. Не сакаме да се фалиме, но не ја направивме со псоледните пари кои ги иамвме како други. Доволно е да кажам дека двата џакети кои ги носев беа 2500, односно 2200 евра. А само дијамантите со сертификат кои ги имаше на себе мојата Перјан на свадбата беа 40 000 евра – вели Нешко Сефоски.

Тој открива дека идејата за свадбата за неговиот внук од брат на градскиот стадион во Прилеп со 10 илјади гости, била негова. Тогаш зетот и невестата пристигнаа со кабриолет  кабриолет „Ферари” 430.

Аднан и Нешко се две деца од седумте на познатиот семкар во Прилеп, Сефо. Тој, покрај на стадионот во Прилеп, заедно со нив продаваше семки пред стадионите во Белград, во Загреб и во Скопје на дербите на фудбалските југословенски гиганти, Црвена Ѕвезда, Партизан, Хајдук, Динамо и Вардар.

Loading