ОТРОВНА АЛВА

Служел Пејо кај некој си поп. Попот, како поп. Често си правел алва. Еднаш направил појче отколку што можеле да изедат со Пеја. Останала полојна. Да не ја изеде Пејо сам кога ќе излезе попот по работа, овој намислил да го заплаши.

– Момочко, во алвата турив отров. Да не те лаже умот да каснеш без мене, оти че се отруеш.

Го викнале попот в црква да крсти, на гробишта да пее, да закопува некого, а Пејо сам дома намислил да ја изеде сам алвата, сигурен дека попот не турил никаков отров. Да се оправда, смислил една лакрдија. Како што цепел дрва во дворот, станал и ја скрши намерно дршката на секирата и отишол да ја изеде сета алва. И продолжи да цепи дрва со скршена дршка. Кога се прибрал попот, видел дека алвата ја изел Пејо. Почнал да се кара и да го пцуе, а Пејо му се правдал.

– Ја скршив дршката од секирата. Плашејќи се да не ме караш и биеш, решив да се отрујам, па затоа ја изедов алвата.

Попот се насмевнал, иако не му било за смеење, и му простил за двете штети што му ги направи во тој ден.

Итар Пејо бил низок, со голема глава околу бричена, а на среде кинеско перче, со широко испупчено чело, со големи широки уши и воловски очи. Имал дебели образи, широка уста, шеплест нос, со надолу наведени рунтави мустаќи. Нозете му биле куси, криви – пајмаклии. Стапалата мечкини, а рацете куси со дебели прсти. Широк во плеќите, дебел, а кус во вратот. На главата носел бела капа како арнаутско кече. Бил облечен во широка бела кошула опашана преку половината со сиџим. И зиме и лете градите му биле разголени, заштитени од студот со дебели влакна – козина. На нозете носел волнени бели гаќи на голо месо. Ги придржувал со десната рака да не му се навртат под колена. Зиме носел волнени гети и свински опинци, а лете одел бос, по опинци. Спиел со отворени очи, а кога јадел ја кривел долната вилица, наместувајќи ги залаците на здравите заби.

Loading