ВОДА, СЕНКА И КЛИМА ПРОТИВ СОНЦЕТО

Пекол лето

Сонцето ги гушна граѓаните во прегратка да ги печи со пеколна жега. Штама е од 11 до 18 часот. Се излегувасамо од иктиза. Некои киднаа да се ладат во солени води или на езерата. И тутунарите берат до девет и поладне по 17 часот. Чекаат да ослаби сончевиот оган. Други не мрдаат од домашниот лад од клима уред, вентилатор или затворени прозорци. Горештината влијае и на падот на апетитот, бидејќи се консумира многу вода или сокови да се изгасне жедта и да се надомести течноста што излегува со потењето. Не помага ниту фрижидерот цел ден да стои со отворена врата. Не спасува ниту мраз во коцки или пак сладолед.

“Ах. Тешко е, не се дише”, се слуша.

Природните сенки го ублажуваат вршникот. Зопоседната е ладовината под дрвјата низ чаршијата и парковите.

Жените, како прави дами, се штитат од сонцето со шеширче или чадорче в раце. Мажите, не остануваат покусо. Со капчиња се разладуваат кај фонтаните, прскајќи се со водата по лицето, рацете… Помладите спас од жештините бараат со бранување во базените, освежување со сладолед, па и лубеница. За никого нема спиење. Стражари градот до раните утрински часови, кога сонот навасува со првите ладовини.

– Не се издржува од пеколов. Добро е малку дожд да падне, да се разладиме и да се освежиме. Секојдневно сум на базен, оти дома не помага ниту клима. Промајата стана куртул. Намалено е шетањето и јадењето. Претежно само вода. Навечер шеткаме, но запурно е. Не се спие до сабајле. Таман си заспал, пак жештини и ќе се разладуваш под туш – вели една прилепчанка.

-Не јадеме тешка храна. Повеќе сме на зеленчук, овошје и многу пиеме вода – вели еден прилепчанец.

Локалните власти и Црвениот крст еден ден делеа шишиња со вода и едукативни флаери под Саатот за справување со топлотниот бран. Се очекуваат  дополнителни акции поради високите температури.

Остануваат препораките на здравствените институции да се  избегнува изложеност на сонце. За разладување се ставени во функција 18 градски чешми – фонтани. Локалните власти  ги почитуватпрепораките за намалување на ризиците од високи температури, ослободувајќи ги од работа бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

Главно, рецепт за спас од горештината е водата, најдобро во некој од базените. Во утринските часови и навечер пожелни се прошетки низ парковите. Горештините се одбегнуваат со клима, освежувајќи се со сладолед, многу вода и пијалоци. За олеснување на спиењето се препорачува отворени прозорци и врати. А гледањето филм или “дремењето” на фејсбук колку-толку им го свртува вниманието, да не мислат на пеколните жештини. Но, како што велат, прилепчани од век се тутунари, учени се на сонцето и наутро и попладне. За нив ладовина е само вода со толчено лукче, додека се оптегнати под сенка.

Потрошувачката на вода е зголемена за 40 отсто. Се “пие” 337 литри.  во секунда. Нема проблеми во водоснабдувањето.

-Спремни сме во секој момент. Дел од водата од Студенчица се складира во резервоарите да немаме проблеми – вели Игор Гулабоски, директор на ЈКП “Водовод и Канализација”.

Претпријатието бара субвенционирањето на струјата поради покачените давачки за плаќање на бенефициран стаж, зголемени плати, енергенси и електрична енергија.

Локалните јавни претпријатија бараат дозволи за инсталирање на фотоволтаици за производство на струја, со што ќе им се намалат давачките. Само јавни претпријатија оформени од владата, засега имаат можност да поставуваат сончеви централи за струја.

Loading