УЛИЦИ БЕЗ ИВИЧНИЦИ И ВЕЛО ПАТЕКИ 

Општина Прилеп крпи улици, велосипедистите незадоволни

Иако Општината влезе во градежна офанзива и се фали со рехабилитирање на патната инфраструктура на неколку улици, за неколкуте велосипедски здруженија акцијата на турање асфалт не е доволна и со неколкуте сантиметри подлога нема да се подобри состојбата на сообраќајниците во интерес и поголема безбедност на љубителите на  две тркала. Во тек е и петиција за подобрување на велосипедската и пешачката инфраструктура адресирана до локалните власти и министерството за внатрешни работи особено откако пред речиси еден месец загина 42 годишна велосипедистка.

Од групата велосипедисти на Фејсбук насловена Прилеп На Точак реагираат дека 30 години е истата приказна, се заменува само асфалтот, а нема замена на ивичници, обнова и изградба на нови тротоари, а уште помалку вело патеки.

– Општина Прилеп и градоначалникот Борче Јовчески ветија соработка и промена на автоцентричните погледи и пракси во потпишаниот меморандум. Промената само на горниот слој од асфалтот не е подобрување на инфраструктурата како што е кажано во соопштението, со тоа се подобрува “лудувањето” на автомобилите, а тоа сите знаеме кон што води, немање безбедност по нашите улици. Потребно е парите од општината да се вложуваат во безбедна инфраструктура за да нема човечки жртви, инфраструктура која треба да биде рамноправно споделена помеѓу пешаците, луѓето со колички, децата,  велосипедистите и автомобилите – реакираат од  ПрилепНаТочак.

Неодамна, прилепските велосипедисти одржаа мирен протест под мотото „Утре можеш да бидиш и ти” поради смртта на 42 годишната велосипедистка која беше прегазена од автомобил додека го возела велосипедот на улицата „Александар Македонски”. Реагираа на сообраќајната некултура на возачите на автомобили, недоволното реагирање и заштита на велосипедистите и пешаците од МВР и немањето на доволна велосипедска инфраструктура во градов.

Велосипедските здруженија на веста од Општина Прилеп, дека ќе се рехабилитираат повеќе од 60 улици, прашуваат на колку улици ќе се рехабилитираат тротоарите, на колку ќе се слеат рабниците на пешачките премини за лицата со инвалидитет, на кои улици ќе се воведат велосипедски ленти, каде ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сигнализација за безбедноста на учесниците во сообаќајот.

– Општината се согласи дека ќе вложува во сите начини на транспорт (потпишан меморандум за соработка), автоцентричните погледи полека ќе ги трансформира и сите учесници ќе добијат подеднаков третман (пешаци, мајки со колички, лица со инвалидитет, велосипедисти и останати учесници во сообаќајот). Само со вложување во сите начини на транспорт се постигнува високо ниво на безбедност во сообаќајот – реагираат на ФБ од Прилеп На Точак.

Очекуваат надлежните фактори, МВР, локалната самоуправа и сите институции поврзани со безбедноста во сообраќајот да преземат итни мерки за промена на состојбата.

Инаку, Општината се пофали дека санирала и асфалтирала дел од улицата ,,Александар Македонски” на влезот од стариот пат од Битола. Рехабилитирана и асфалтирана била улицата „Мукос”, нов асфалт добила „Пане Талески”, ,,Пиринска” со должина од 1100 метри, ,,Митко Цветаноски” и ,,Кирил и Методиј” со површина над 2000м2 и улиците „Ладо Лапецот и „Круме Волнароски” со вкупна површина од 3500м2 со најава за продолжување на активностите.

Велосипедска патека на “Леце Котески”

Со рехабилитацијата на една од најфрекфрентните улици, Леце Котески со инвестициона вредност од преку 47 милиони денари обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, планирана е изградба на нова велосипедска и пешачка патека за подигнување на безбедноста во овој дел од градот. Додека траат градежните работи потребна е трпеливост кај возачите до завршување на проектот во предвидениот 10 месечен рок.   

Loading